Фото: Игор Бансколиев

Кога се користи клима-уред во возилото, настануваат проблеми со циркулацијата, а доколку температурата надвор е 40, а во возилото 23-24 степени, се случуваат температурни шокови. Најчесто, при нагло излегување на високите температури се случуваат заматување на видот, вртоглавици, нестабилност, проблеми со одењето, губење на свеста…

ТЕМПЕРАТУРНИТЕ ШОКОВИ МОЖЕ ДА ВЕ ЧИНАТ ЗДРАВЈЕ

Екстремно високите температури што во летниот период ја зафаќаат земјава, а особено главниот град, се причина за зголемување на користењето на клима-уредите во домовите, но и во автомобилите. Придобивките од користењето се и повеќе од добредојдени, бидејќи никој не сака да „се пржи“ на +40 степени, меѓутоа никој не размислува за сериозните негативни последици од користењето на системите за ладење во возилата.

СЕКОЈ АВТОМОБИЛ КОРИСТИ КЛИМА-УРЕД

Скопје е град со повеќе од 600 илјади жители, а бројката на возила што секојдневно сообраќаат во метрополата е речиси двојно поголема. И, доколку обрнете внимание, речиси секое возило на овие пеколни жештини сообраќа со затворени прозорци, што директно води до заклучокот дека се вози во климатизирано возило.
Секој што во својот автомобил има исправен клима-уред го вклучува за да патува во пријатна атмосфера од една до друга дестинација.
Сепак, користењето на клима-уредите треба да биде умерено, а температурата речиси секогаш да биде околу 24 степени, иако и таа е проблематична во Скопје, бидејќи на жешкиот асфалт во автомобил, температурата може да се искачи и до шеесеттиот степен.
Потребно е внимателно и свесно користење на клима-уредите, бидејќи секоја нагла промена на температурата може да предизвика сериозни здравствени проблеми за возачите.
Според докторите од скопската итна медицинска помош, мора да се внимава при користењето на клима-уредите во возилата и температурата секогаш да биде приспособена.
– Кога се користи клима-уред во возилото, настануваат проблеми со циркулацијата, а доколку температурата надвор е 40 а во возилото 23-24 степени, се случуваат температурни шокови. Најчесто, при нагло излегување на високите температури се случуваат заматување на видот, вртоглавици, нестабилност, проблеми со одењето, губење на свеста – смета докторот од итната медицинска помош Георги Карамановски.
Според него, секако дека се препорачува користењето на клима-уредот, меѓутоа луѓето секогаш треба да внимаваат и да ја адаптираат температурата, особено доколку се приближуваат до дестинацијата.
– Треба да се направи адаптација на температурата доколку треба да се излезе од возилото. Да се отвори прозорецот за да се измеша воздухот, а потоа и вратите за да се приспособи температурата – вели тој.
Граѓаните велат дека не им придаваат многу значење на овие работи.
– Мојот сопруг вози такси и во летниот период поголемиот дел од денот го минува во возилото, кое му е климатизирано. Температурата му е 23 степени, но таа температура на пеколните 40, па и 50 степени е многу ниска. Едно попладне, кога се врати од работа, веднаш излезе од возилото, му се слоши од толку нагла промена на температурата – вели Елена Здравковска.

И ВО ВРЕЛ АВТОМОБИЛ Е ШТЕТНО

Проблематични се и возилата што воопшто немаат клима-уреди, а стојат на директна изложеност на сонце подолго време. Температурата во нив е повисока и за 20 степени од онаа што е надвор, а која во летните периоди е околу 40, па и повеќе степени.
Според доктор Карамановски, возењето во вака загреан автомобил исто така може да предизвика здравствени проблеми.
– Наглото влегување во толку врело возило, без да дозволите да се излуфтира, може да предизвика губење на свеста, забрзана работа на срцето, а доколку некој организам е преосетлив, може да дојде до скок на крвниот притисок, кој пак предизвикува и други здравствени проблеми. Влегувањето во така загреан автомобил може да предизвика нагло потење – смета докторот.

АДАПТИРАЈТЕ ГО ОРГАНИЗМОТ

Разликата помеѓу внатрешната и надворешната температура не смее да биде преголема, поточно не смее да биде поголема од 7 до 10 степени. Во спротивно, организмот нема да може за кратко време да се приспособи на наглата промена на температурата и на тој начин доаѓа до шок, кој негативно влијае врз здравјето на луѓето. Долготрајната изложеност на ладниот воздух од клима-уредот исто така може да влијае и врз работата на метаболизмот. Циркулацијата се забавува, а со тоа и сите други активности во мускулите, крвните садови и нервите.
Пред излегување надвор од возилото, би требало да му се дозволи на организмот неколку минути да се приспособи без вклучен клима-уред, за да може полесно да го поднесе шокот од високите температури. Особено внимание треба да им се посвети на најмладите, на децата, бидејќи предолгото присуство во климатизирана просторија може да доведе до инфекција во увото.