Фото: Игор Бансколиев

Владата ги повика надлежните компании и градските власти итно да обезбедат топлинска енергија во домовите на граѓаните на Скопје, откако жители на неколку делови од градот реагираа до медиумите дека останале без парно греење.

– Владата ги помага и граѓаните, и општините, и Градот Скопје, но кога се во прашање финансиски обврски кон давателите на јавни услуги, први повикани се надлежните локални власти – велат од Владата.

Оттука најавија дека следната недела ќе се разгледуваат можности за дополнителна помош. Сепак, како што посочија од Владата, едностран раскин на договорните обврски и прекин на греењето во зимски услови е неприфатливо.

Без парно греење останале стотици домови од општините Чаир и Бутел, како и жители од скопската населба Кисела Вода.

По реакциите во јавноста од „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) сооопштија дека во услови на енергетска криза системот работи во оптимизиран режим се со цел внатрешната температура во домовите да се одржува на 20 степени. Доколку некои објекти се соочуваат со локален проблем или имаат температура во домовите под 20 степени Целзиусови, треба да пријават во центарот за грижа на потрошувачи, порача БЕГ.