Обид за обивање на благајната, пресечени катанци на живеалиштата на животните и неовластено влегување на посетители, се меѓу инцидентите забележани во Зоолошката градина Скопје во изминатиот месец, како што информира директорот Кристијан Стаменов преку Фејсбук.

Најпрво на 10 април имало неовластен влез на група од дванаесетина луѓе, петнаесет минути пред затворање на градината. Инцидентот е пријавен и се повикани претставници од Министерството за внатрешни работи за увид. На 28 април од службите во Зооолошката градина е направен увид во живеалиштата на животните и е констатирано дека се пресечени неколку катанци, по што биле пуштени неколку животни, во рамки на просторот во градината.  И тој случај е пријавен, по што од страна на негувателите кои дошле на работа било утврдено дека се работи за видливо и намерно пуштање на неколку животни од нивните живеалишта.

По рекордната посетеност во Зоолошката градина со над 14.000 посетители, вчера во 30 часот по полноќ имало обид да се обие влезната врата од благајната. Сторителот е фатен од безбедносните камери на Зоолошката градина како во два наврата се обидува да го обие влезот на благајната, претпоставуваме со цел да направи финансиска штета. Но, снимениот поединец останал само на обидот, затоа што, како што се гледа на снимката, не можел да го обие влезот на билетарата и благајната, по што настаната е незначителна материјална штета. Настанот уште вечерта е пријавен во полициска станица Карпош.

Покрај тоа што сите овие настани се пријавени до надлежните органи за постапување, односно до Министерството за внатрешни работи, зголемена е будноста кај персоналот, а дополнително е зголемено и обезбедувањето во ноќната смена.

Од Зоолошка остро ги осудуваат сите обиди за наштетување на нивната работа, но и на безбедноста на животните, надевајќи се дека службите од МВР ќе работат интензивно на откривање на сторителите, со цел да се спречат и понатамошни вакви обиди.