Фото: Маја Јаневска-Илиева

Честопати се случува на големите празнични собири, надворешната манифестација на верата и на богопочитувањето да не е на високо ниво, па верниците честопати при славењето се прегласни, со џагор и недолично однесување, оставаат отпадоци зад себе, се однесуваат со недоволно внимание кон инвентарот, кодексот на облекување не е соодветен на местото и целта на присуството… Еве, наоѓајќи се на прагот на празникот на воскресението Христово, а во очекување на масовност и во храмовите на Македонската православна црква, апелираме за високо ниво на култура и бонтон и нашата вера да ја манифестираме и во надворешното однесување, вели презвитер Бобан Митевски, шеф на кабинетот на архиепископот

ДА ГО ПРАЗНУВАМЕ ВЕЛИГДЕН И ДА СЕ ОДНЕСУВАМЕ РАЗУМНО

Дека хигиената како на нација и не ни е некоја силна страна, досега се докажа милион пати. Фактот што локалните власти најмногу се занимаваат со чистење депонии е доволен показател за тоа. За жал, како граѓани никогаш не сме знаеле да го цениме и чуваме тоа што го имаме. Сепак, некои локации и случувања воопшто не го заслужуваат таквото нехигиенско, неодговорно и ноншалантно однесување. Понекогаш таквите постапки за уништување и загадување мора да ги контролираме, бидејќи не ни прилегаат ниту нам ниту на околината во која се наоѓаме ниту, пак, на пригодата за која сме се собрале.

ЃУБРЕ И ВО ЦРКОВНИТЕ ДВОРОВИ

Велигден е еден од најголемите христијански празници. Тоа е празник на кој голем број верници во сабота во вечерните часови се упатуваат кон црквите за да ја дочекаат радосната вест за победата на животот над смртта, за Христовото воскресение.
Традиционално, дворовите на храмовите во Скопје секоја година се преполни со верници, со исклучок на изминатите две години, кога пандемијата наметна нови правила на однесување и празнување. Годинава најверојатно поради олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, бројката на верници ќе биде голема ќе биде како и минатите години. Со самото тоа ќе се зголеми и количеството на ѓубре што ќе остане по биењето на камбаните и по објавувањето на Христовото воскресение.

Точно на полноќ, откако свештениците трипати ќе изговорат „Христос Воскресна. Навистина Воскресна“, низ дворовите на црквите ќе се слушаат пукотниците од кршењето со јајца и на големо ќе се лупат скршените јајца, чии лушпи ќе завршат на земјата во црковните дворови. За жал, не се само лушпи од јајца, тука има и влажни марамчиња, шишиња, догорчиња од цигари што верниците ги оставаат зад себе.
– Секоја година ја посетувам црквата „Свети Ѓорѓија“ во Чаир, бидејќи тука сум родена, крстена и венчана пред Бога и тука и сакам да одам за овој голем празник. Јас сакам да останам малку подолго на литургијата, па секогаш заминувам меѓу последните. Сликата во тие моменти е навистина жална. И дворот на црквата е дел од божјиот храм, а тоа што го правиме ние како верници е крајно непочитување на црквата и на самиот празник. Лушпи од јајца има буквално насекаде во дворот, во зеленилото, догорчиња и пластични шишиња исто така е преполно. Какви верници сме ние ако на овој начин, крајно неодговорно, да не речам вандалски, се однесуваме на еден од најголемите празници, и тоа во црквата – вели Љубица Андоновска.

АПЕЛ ЗА ДОСТОЈНО ПРАЗНУВАЊЕ

Дека ова е реален и сериозен проблем потврдуваат и од Македонската православна црква, од каде што велат дека посветеноста кон верата се покажува и со грижата кон црквата.

– Нашата посветеност кон верата и нашата љубов кон црквата ја подразбираат и грижата за добробитот на храмот божји, како место на богослужението, место – предвкус на Царството Небесно и место на присуството на божјата слава. Ова значи и оној секојдневен бонтон, со кој треба да се краси секој човек и да биде дел од неговото однесување, и во храмот божји. Честопати се случува на големите празнични собири, надворешната манифестација на верата и на богопочитувањето да не е на високо ниво, па верниците честопати оставаат отпадоци зад себе, се однесуваат со недоволно внимание кон инвентарот, кодексот на облекување не е соодветен на местото и целта на присуството. Еве, наоѓајќи се на прагот на празникот на воскресението Христово, а во очекување на масовност и во храмовите на Македонската православна црква, апелираме за високо ниво на култура и бонтон и нашата вера да ја манифестираме и во надворешното однесување – вели презвитер Бобан Митевски, шеф на кабинетот на архиепископот.