Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ деновиве вршат интензивни активности за уредување на вегетацијата на кејот на реката Вардар, во координација со Град Скопје и другите јавни претпријатија.
Во соопштението на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје се вели дека уредувањето започна на потегот од Железниот мост, по десниот тек на реката Вардар, кон мостот „Гоце Делчев“, како и на потегот од Железниот мост, по левиот тек на реката Вардар, кон пешачкиот мост во Градскиот парк.
Работевме и на уредувањето на вегетацијата на кејот на Вардар, на потегот од паркот на езерата кон мостот „Близнак“, од паркот на езерата кон ПИОМ, од Камени мост кон мостот на булеварот Филип Втори. Деновиве продолживме со уредувањето на вегетацијата на кејот, на потегот од мостот на бул. 8 Септември, по должината на десниот тек на реката Вардар кон Градскиот стадион, како и по должината на левиот тек кон спортската сала Кале – се наведува во соопштението.
Екипите со соодветна механизација работат на косење на тревните површини, сечење фиданки, косење обрасната нискостеблеста вегетација, чистење на површините на косините и на ширините на коритото на реката Вардар.
Од ЈП „Паркови и зеленило“ информираат дека во сите други реони низ градот секојдневно се врши косење на тревните површини низ булеварското зеленило и парковите, се собира откос и се крои вегетацијата.
Поради високите температури, полевањето на јавните зелени површини го вршиме од 22 до 6 часот наутро, а на дел од градското зеленило каде што нема поставено систем за наводнување вршиме полевање со вода од цистерна – велат од ЈП „Паркови и зеленило“ и додаваат дека истовремено продолжуваат со хортикултурно уредување на јавната површина на зелениот плоштад на ул. Јужноморавски бригади, кај каналот, со површина од 4.850 квадратни метри во населбата Ченто, и реконструкција на минор-корито на кејот на реката Вардар, на потегот од мостот „Мајка Тереза“ до мостот „Генерал Михајло Апостолски“ – соопштуваат од Град Скопје.