Фото: Игор Бансколиев

Проблемот со електричната енергија допира до сите аспекти на секојдневието. Од најмладите до најстарите граѓани, од микропретпријатијата, преку малите и средните фирми, до големите компании, од јавните претпријатија до општините… сите директно или индиректно се погодени од ценовниот шок на енергентите, горивата, струјата, гасот…

СЕ БАРА РЕШЕНИЕ ЗА ВИСОКИТЕ СМЕТКИ ЗА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА НА ОПШТИНИТЕ

Високите сметки за струја не предизвикаа шок само кај граѓаните и стопанството туку беа релативно изненадувачки и за општините во Скопје, но и низ целата држава. Поскапената цена за електрична енергија не ги остави рамнодушни ниту општинските власти, кои сакале или не мора да плаќаат за улично осветлување, за сопствените потреби за функционирање, за градинките и основните училишта што се на нивна територија, бидејќи, доколку тие останат без греење, децата ќе останат дома, а тоа значи и дополнително оптоварување на државниот и приватниот сектор, бидејќи и тие деца ќе мора некој од дома да ги чува, а тука посебно станува збор за децата од пониските одделенија и градинките. Проблемот со електричната енергија допира до сите аспекти на секојдневието. Сите, директно или индиректно, се погодени од ценовниот шок, кој, за жал, го обиколи целиот свет.

СЕ БАРААТ РЕШЕНИЕ И МОЖНО СПАСЕНИЕ?!

Поскапувањето на струјата и високите сметки се преголем товар за општините. Според изјавите на градоначалничката Данела Арсовска, како претседателка на ЗЕЛС, општините се презадолжени и имаат лимитирани средства, а и кога не би биле презадолжени, сепак, со плаќање на само две сметки за струја, тие би го потрошиле буџетот предвиден за таа намена.
Како што истакна таа, за само два месеца, потрошени се буџетите за сметки за електрична енергија. Од тие причини, таа бара надоместување на разликата од сметките пред и оние за време на енергетската криза.
На неодамнешниот состанок на координативното тело на градоначалниците на општините од Скопје, кое го водеше градоначалничката Арсовска, градоначалниците од скопските општини истакнаа дека сметките за струја им се многу високи. Тие на состанокот нагласија дека општините речиси целосно го имаат истрошено делот на редовниот буџет само за сметките за електрична енергија, а најголемиот дел од нив имаат средства за покривање на само уште неколку сметки, по што ќе недостигаат средства за реални проекти за граѓаните.
Уште тогаш Владата излезе со соопштение дека „за намирување на заостанатите обврски за потрошена електрична енергија и плаќањето на фактурите за испорачана електрична енергија е донесена препорака до единиците на локална самоуправа и институциите во нивна надлежност, како и за јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост“, гласеше соопштението на Владата.
Дека проблемот е доста сериозен, говори и фактот што под општините спаѓаат и градинките и училиштата, кои исто така би можеле да стават клуч на вратите како резултат на неплатените сметки за струја, доколку истите тие би биле исклучени од мрежата.

МИЛИОНСКИ СМЕТКИ ЗА СТРУЈА

Некои од општините, за „Нова Македонија“ ги открија износите на сметките за електрична енергија. Навистина станува збор за високи суми што им создаваат големи главоболки. На локалната самоуправа ѝ требаа решение и подадена рака.
Сметката за месец декември за потрошена електрична енергија и надоместок за мрежарина на Општина Ѓорче Петров изнесува 4.834.835 денари. Од нив, 1.385.765 денари потрошиле објектите што се во надлежност на Општината (административни објекти, игралишта, спортски сали и месни заедници), а другите 3.449.070 денари, потрошена електрична енергија за јавно осветлување.
– Споредбено со сметките од околу 800.000 денари на месечно ниво, од претходниот период, претставува енормно зголемување. Високите сметки за електрична енергија претставуваат проблем, бидејќи се трошат средства со кои би можеле да реализираме по еден капитален проект месечно. Иако имаме предвидено 37.000.000 денари, за тековната година, доколку продолжи оваа тенденција ќе мораме да обезбедиме дополнителни средства во буџет – информираа од Општината.
Оттаму додаваат дека единствено што можат е да спроведат мерки за максимално штедење.
– Не сакаме да се доведеме до ситуација на рестрикции, бидејќи така би ја загрозиле безбедноста на жителите. Со оглед на тоа што во нашата општина е инсталирано автоматизирано јавно осветлување со централизиран систем за контрола и мониторинг, можеме лесно да спроведеме рестриктивни мерки, меѓутоа на таков чекор би се одлучиле единствено доколку Владата донесе уредба со која ќе бидат дефинирани предлог-мерки за справување со енергетската криза и каде што како мерка ќе бидат предложени и рестриктивните мерки. До тој момент парковите и улиците што се во надлежност на Општина Ѓорче Петров ќе бидат осветлени – информираат од општината.
Надлежните потенцираат дека континуирано во изминатите години преземаат значителни мерки за намалување на трошоците за електрична енергија.
– Заменетите светилки за јавно осветлување со модерни ЛЕД смарт реди светилки, прецизното вклучување и исклучување на истите тие со инсталираниот систем за мониторинг и контрола, придонесуваат за значителни заштеди на потрошувачката на електрична енергија. Исто така, во сите објекти што се под надлежност на општината се инсталирани штедливи ЛЕД-светилки. Во моментов се нарачани за изработка проекти за да се спроведе оптимизација на системите за греење во училиштата со поекономични решенија и фотоволтаици на јавните објекти. По оваа фаза ќе имаме реална основа за апликација во различни финансиски институции за реализација – нагласуваат оттаму.
Од Општина Карпош велат дека очекуваат до крајот на април берзата да се стабилизира за да направи нова набавка на електрична енергија од лиценцирани снабдувачи.

– До овој момент немаме фискални импликации по цените на електричната енергија и од тој аспект не планираме рестрикции на досегашната потрошувачка – изјавија оттаму.
И надлежните од Кисела Вода велат дека најголемите трошоци за електрична енергија се за улично осветлување, во кое спаѓаат и парковите.
– За месец ноември 2021 г., уличното осветлување чинело 1.377.508 денари, а за декември 2021 г., 1.509.270 денари. Информациите што ви ги доставуваме се за месеците ноември и декември, бидејќи јануарските сметки, кои се чека да бидат повисоки, сѐ уште не се пристигнати – информираа од Општината.
Оттаму додаваат дека посебно внимание предизвикува ситуацијата со училиштата и градинките.
– Ќе илустрираме со ЈДГ „Весели цветови“, кој е единствениот објект за кој се пристигнати сметките за потрошена електрична енергија и за парно греење. Ако во јануари 2021 г. за оваа градинка за струја биле платени 70.512 денари, за овој јануари сметката изнесува 105.262 денари. Слична е состојбата и со побарувањата од БЕГ. Минатогодишната сметка изнесувала 206.517 денари, а сегашната, покачена, изнесува 225.000 денари – велат од Општината.
Од Кисела Вода велат дека се прават пресметки со стручни тимови за тоа како да се заштеди на електрична енергија.
– Во моментот во Општина Кисела Вода се прават финансиски пресметки со стручните тимови и се разгледуваат можностите за привремени рестрикции во уличното осветлување, ако е тоа неопходно. Паралелно, го развиваме концептот на изградба на нови паркови што се самоодржливи, со што ќе се штедат и пари и електрична енергија. Во моментот тече изградба на таков самоодржлив парк во населбата Припор. Во периодот што следува ќе се разгледаат сите можности и опции за подобро справување и ублажување на ефектите од кризата, со цел на нашите жители да им овозможиме поудобно да го поминат овој ценовен шок, кој покрај личниот го оптоварува и колективниот општински буџет – нагласуваат оттаму.

[email protected]