Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најавата дека градот ќе поставува нова урбана опрема и други подвижни апарати на 15 локации, колку што треба да ги израдува скопјани, толку ќе потсети на горливите проблеми и темната страна на нашиот град. За жал, метрополата има големи и сериозни проблеми со уништување и вандализирање на јавните добра, за што во неколку наврати досега и самиот Град Скопје апелираше да се престане со вандализмот

Унапредувањето на животот и просторот е во корист на сите жители на Скопје

На последната седница на Советот на Град Скопје беше донесена одлука за определување локации за поставување урбана опрема, подвижни објекти, апарати и други направи на неколку локации во главниот град. Унапредувањето на животот и просторот во корист на жителите на метрополата, секогаш е причина за поздрав, меѓутоа токму тогаш се отвора прашањето за вандализмот врз оваа урбана опрема, кој воопшто не е реткост за главниот град.

ИНВЕСТИЦИЈА ВО КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВОТОТ

Петнаесет локации во Градскиот парк, паркот во Гази Баба, СРЦ Сарај, „Рајскиот парк“ и на кејот на реката Вардар ќе добијат нова урбана опрема. Како што информираа градските власти, во Градскиот парк и во паркот во Гази Баба се предвидени три локации, во СРЦ Сарај четири, во „Рајскиот парк“ во Ново Лисиче се предвидени две локации и на кејот на реката Вардар се предвидени три локации.
– Во согласност со утврдените стандарди, станува збор за урбана опрема и поставување подвижни апарати на предложените локации, што ќе овозможи да се зголеми посетеноста на наведените локалитети – информираа од градот.
Оваа иницијатива е за поздравување, особено бидејќи Скопје од ден на ден сѐ повеќе расте, а бројката на жителите постојано се зголемува, па со тоа растат и нивните потреби. Со новата опрема, скопјани, туристите и другите посетители ќе имаат можност да се рекреираат, да се одморат или, пак, да вежбаат и на други локации, освен на веќе постојните.
За граѓаните секоја инвестиција во градот е директна инвестиција во квалитетот на животот на скопјани.
– Секогаш е добро да се има новитети, ние како граѓани да добиваме нови катчиња за рекреација, спорт или, пак, одмор. Имаме доволно паркинзи и улици, ред е да добиваме повеќе простор за уживање. Токму големата посетеност на овие локации покажува дека интересот на граѓаните е голем и дека вакви реквизити за анимација, вежбање или, пак, за одмор се и повеќе од потребни за сите нас. Добро е да гледаме каде се трошат нашите пари, да видиме дека некој мисли и на нас и на нашите потреби. Сега, паркот ми се чини дека сосема го смени својот лик само со обновата на патеките, а се надевам дека ќе биде и уште поубав кога ќе се имплементираат и најавените реквизити – вели Сузана Димовска, жителка на Скопје, која речиси секогаш во попладневните часови го користи слободното време за прошетка или, пак, за рекреација низ градот.

СЕ ОТВОРААТ СТАРИТЕ БОЛКИ ЗА СКОПЈАНИ

Но истовремено, најавата дека градот ќе поставува нова урбана опрема и други подвижни апарати на 15 локации, само ги отвори горливите проблеми и темната страна на нашиот град.
За жал, метрополата има големи и сериозни проблеми со уништување и вандализирање на јавните добра, за што во неколку наврати досега и надлежните во Град Скопје апелираа да се престане со вандализмот.
Само на почетокот на годинава, во зимските месеци во езерцата во Градскиот парк беа откорнати и фрлени неколку клупи од паркот при првиот сончев викенд, кој граѓаните го искористија за прошетка токму таму.
Тогаш, од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ апелираа до посетителите да се однесуваат одговорно и да не ја уништуваат урбаната опрема, меѓу која дури имаше и превртен мобилен тоалет, наменет токму за посетителите.
На почетокот на пролетта, во мај месец, беа евидентирани случаи во кои беа насилно отворени кутиите за електрична енергија кај Зоолошката градина и во Градскиот парк, а струјата беше исклучена од страна на непознати лица.
Градот и тогаш реагираше, тврдејќи дека со тоа се доведува до опасност електричната мрежа, но и дека се загрозува безбедноста на посетителите на паркот. Овие два случаја се наведени само како пример, инаку, во реалноста ги има дури и премногу.
И низ скопските општини, сериозен проблем е токму уништувањето на урбаната опрема, па можеби надлежните би требало најнапред да размислат како да ги заштитат веќе поставените реквизити за одмор и вежбање, па дури потоа да поставуваат нови.
На овој начин, само им се отвораат дополнителни локации за дивеење и уништување на вандалите.
– Да се вработат луѓе што ќе имаат законска можност да казнуваат, па и да приведуваат, само така Скопје ќе се спаси од вакво недоветно однесување на поединци. Низ минатото научивме дека само репресивните мерки даваат резултати, а за зачувување на убавината на градот само тоа е потребно, бидејќи очигледно е дека апелите не допираат до оние кон кои се наменети – вели Лидија Спировска, жителка на градот, која во неколку наврати била сведок на кршење канти за отпадоци, детски лулашки и клупи за седење.