Со потпишувањето на грантот од еден милион евра, обезбедени од фондот на ЕБОР – канцеларијата во Шведска во рамките на програмата за животна средина, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје започна со теренски активности за испитување на влез на вода и инфилтрација во канализациската мрежа на градот, во рамките на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје (ПСОВ).
Врз основа на предвидениот работен план, испитувањата за студијата ќе се изведуваат со одреден континуитет во период од една година, од страна на консултантите, логистички поддржани од професионалци, вработени во секторот Канализација.
Според одредбите во договорите за заем за проектот за изградба на ПСОВ-Скопје, потпишани со ЕБОР, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје има задача да ги имплементира приоритетните наоди од резултатите на студијата.
– Со потпишување на овој договор за грант од ЕБОР, се овозможија услови за изведување соодветни анализи и студии од големо значење за реализација и изведба на проектот за изградба на ПСОВ-Скопје. Изведбата на студијата и практичната примена на наодите од неа, директно ќе доведат до подобрување на процесот на одведување на отпадните води во градот Скопје, заштита на животната средина и исполнување на еден од условите за функционалноста на ПСОВ-Скопје – велат од водоводното претпријатие.