Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ставот на Скопската епархија во овој контекст е неизменет во изминатите години, а тоа подразбира дека начинот на кој се спроведува ваквиот елемент од празнувањето на Божиќ не е во согласност со православното предание. Во време на пост, во време кога треба да бидеме прибегнати кон молитва и тихување, присутни на богослуженијата што црквата ни ги нуди во овој период, ние се предаваме на нешто што нема смисла, што мотивира поведение што не е христијанско, што ги поттикнува страстите и телесното, а наштетува на духот и духовното, вели презвитер Бобан Митевски, шеф на кабинетот на архиепископот

ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА И ГОЛЕМО ЗАГАДУВАЊЕ НА ВОЗДУХОТ

Денот спроти Божиќ, Бадник, уште од минатото е познат по палењето коледарски оган, со кој се испраќаа коледарите на коледе низ скопските маала. Сепак, модерното време, но и коронавирусот ги изменија овие обичаи кај скопјани, па речиси сѐ поизвесно е дека бројот на коледарски огнови ќе биде минимален, а можно е и воопшто да ги нема. Некои веќе ги запалија своите огнови вчера, додека, пак, други ќе ги палат денеска, пред бадниковата вечера. Трети, пак, оган палат на Василица. Секоја населба има своја традиција. Бадниковите огнови се можеби дел од традицијата на скопјани, но не се дел од православието и не треба да се негуваат како дел од празнувањето на Бадник. Дополнително, загадувањето на воздухот не дозволува палење огнови на отворено, а и пандемијата го остави својот белег. Групирањето, мерките за заштита од вирусот, сепак и на отворено треба да се почитуваат, со цел заштита од зараза.

Коледарските огнови се дел од обичаите на скопјани

Палењето бадникови, односно коледарски огнови е дел од традицијата на Скопје и неговите жители. Сепак, иако не се дел од христијанската традиција и од она што го негува црквата, до пред неколку години, на Бадник, организацијата и посетата на коледарски оган беа задолжителни. Во секоја населба, помеѓу две-три згради, на ширинки во населбите, секаде се палеа огнови. Од најмало до најстаро, сите беа излезени да ги испратат коледарите на коледе од куќа до куќа, каде што добиваа разни подароци составени од јаболка, портокали, костени, ореви, понекое бонбонче и, се разбира, паричка.
Сега сето тоа изумре, но мал дел скопјани велат дека ќе се придржуваат до традицијата и ќе го одбележат денот. Оган во некои населби ќе има.
– Сакаме да си ја негуваме традицијата и сакаме и оваа година да запалиме коледарски оган. Сите од зградата се договараме и се организираме, секој стан придонесува со нешто на трпезата. Вадиме маса, пуштаме македонска музика, палиме оган, се дружиме, се смееме…, сето тоа е дел од нашата традиција, можеби повеќе како причина за да се видиме и да направиме муабет отколку што било друго. Речиси сите во зградата сме со мали деца, а постарите, оние што се пензионери, се развеселуваат со децата тука. Убаво ни е и затоа и секоја година си палиме оган. Огнот не е ниту огромен, туку мал, колку да се назначи денот, што би рекле старите за мерак и адет – вели Перо Костовски, жител на Железара.

ОГНОВИТЕ НЕ СЕ ДЕЛ ОД ПРАВОСЛАВНОТО ПРЕДАНИЕ

Според Македонската православна црква, бадниковите огнови не се дел од православното предание.
– Ставот на Скопската епархија во овој контекст е неизменет во изминатите години, а тоа подразбира дека начинот на кој се спроведува ваквиот елемент од празнувањето на Божиќ не е во согласност со православното предание. Во време на пост, во време кога треба да бидеме прибегнати кон молитва и тихување, присутни на богослуженијата што црквата ни ги нуди во овој период, ние се предаваме на нешто што нема смисла, што мотивира поведение што не е христијанско, што ги поттикнува страстите и телесното, а наштетува на духот и духовното. Да се сетиме на амбиентот во кој престојуваа пастирите од евангелскиот опис, кога ангелите им се јавија и им ја објавија благата вест за раѓањето на спасителот на светот – седеа покрај огнот, во тихование. Не со гласна музика од световни жанрови, со изобилство на храна, напати мрсна во посен период, со алкохол и сл. Постои задржан побожен обичај во некои кареви од Македонија, каде што верниот народ, собирајќи се по вечерната служба во дворовите на храмовите пали оган и пее божиќни песни – т.н. каланди, објавувајќи го на тој начин раѓањето на спасителот – истакна презвитер Бобан Митевски, шеф на кабинетот на архиепископот.

ЗАГАДУВАЊЕТО, КОВИД И БАДНИКАРСКИТЕ ОГНОВИ

Традиционално, неколку години по ред, овој период од годината е карактеристичен по енормната загаденост на амбиенталниот воздух во Скопје, па во согласност со тоа, бадниковите огнови беа забранети од локалните власти. Ако во минатото некои од скопските општини доделуваа и дрва за палење оган, денес тоа не е практика.
Со оглед на тоа што е забрането да се пали оган на отворено, за што сведочат и многубројните санкции изречени од страна на инспекторите за животна средина на Град Скопје, оние што ќе палат оган ризикуваат да заработат казна заради загадувањето на воздухот. Во време кога на големо се делат субвенции за инвертери, за да се исчисти скопскиот воздух од чадот од печките на дрва, крајно иронично е да се пали оган на отворено, кој, доколку се пали насекаде и во секоја населба на Скопје, повеќекратно ќе го зголеми загадувањето на воздухот. А сето тоа воопшто не им оди во прилог на коледарчињата, кои по бадниковите огнови заминуваат на традиционалното посетување на маалските куќи.
Дополнително, пандемијата го зема својот данок, за што сведочи и големиот број новозаразени од ковид, што достигна над илјада новозаразени. Па, така, препораките да се носи заштитна маска и да се избегнува групирање сѐ уште се во сила, па граѓаните заради нивно добро е потребно да ги почитуваат.
Фактот што предновогодишно се организираа забави на затворено со голем број посетители ја зголеми бројката на новозаразени, па скопјани треба да бидат внимателни да не ги ризикуваат сопствениот живот и здравје заради традиција што нема никаква врска и смисла за еден од најголемите христијански празници Божиќ.