Екипите на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ деновиве спроведуваат акција за косење на зеленилото на кејот на Вардар, се вршат интензивни активности за уредување на вегетацијата, во координација и по налог на Град Скопје.
– Акцијата започна во Ново Лисиче на потег од мостот Близнак до ЈП „Лајка“. Теренските екипи неделава работат на косење на неуредените тревни површини, кастрење гранки, сечење ластари и чистење на површините.
Екипите со соодветна механизација работат на косење и уредување на дивоизраснатата вегетација на овој простор – информираа од претпријатието.
Оттаму додаваат дека истовремено, во склоп на оваа акција на косење на зеленилото на кејот, се работи и од левата страна на Вардар, каде што се врши уредување на зеленилото на потегот од вливот на Лепенец во Вардар до мостот на булеварот 8 Септември.
Како што велат оттаму, оваа акција е дел од вонредните работни активности на ЈП „Паркови и зеленило“.
– Во заедничка соработка со Град Скопје посветено и редовно ги одржуваме јавните зелени површини во градот, во корист на посетителите и за целите на рекреација на граѓаните на кејот на Вардар – велат од „Паркови и зеленило“.