Неодамна во просториите на Град Скопје се одржа четвртата седница на Градскиот екосовет, на која присутните членови дискутираа за повеќе теми од области што се дел од делокругот на работа на ова тело.
На седницата, Градскиот екосовет дискутираше за повеќе иницијативи и предлози, како што е предлог-иницијативата за дисперзирано производство на електрична енергија. На седницата беше предложено и формирање интерсекторска група што би била задолжена да работи во насока на добивање еколошки јавен превоз во Скопје, како и нови и подобри инфраструктурни и сообраќајни решенија.
Градскиот екосовет има цел да ја подобри заштитата на животната средина во градот и да креира политики за спроведување активности за поставување системски решенија за намалување на загаденоста, како и да постави нови стандарди за заштитата на животната средина. Советот е составен од дваесет и пет експерти и претставници на граѓанскиот сектор од областа на урбаното планирање, урбанизмот, архитектурата, сообраќајот, енергетиката и заштитата на животната средина.
Овој совет има цел да креира политики од областа на екологијата, сообраќајот, урбаното планирање, да предлага стратегии и да дава совети за развојот на Скопје.