Постојат пишани и непишани правила за однесувањето на луѓето во природа, на излет или пикник. Некои од тие правила се кодифицирани, а некои од нив се и правила од областа на моралот и етиката. Во секој случај, почитувањето на тие правила значи почитување на животната околина, почитување на луѓето околу нас и почитување на самите себеси. Македонија не е земја на која не ѝ се познати фаталните и катастрофални пожари предизвикани од фрлени догорчиња или, пак, од палење отпад на локалните ниви. Сепак, за празникот на трудот се зголемува веројатноста да се предизвика пожар од неизгаснат жар од скарата што ја прават граѓаните. А да не заборавиме и на ѓубрето што го оставаме зад себе…

ТРАДИЦИОНАЛНИОТ ПРВОМАЈСКИ ПИКНИК И ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ ПРОБЛЕМИ ПО НЕГО

Убавото и топло време за претстојниот продолжен првомајски викенд со сигурност ќе ги мотивира граѓаните да излезат на традиционалните пикници. Формата и содржината на тие пикници се познати и традиционални: природа, дружба, скара и добра гозба, музика, песни, релаксација и задоволство… Речиси сите излетнички места се преполни со посетители, кои уште во раните утрински часови заминуваат да фатат што е можно подобра локација, под ладовина, покрај река, каде што ќе го поминат целиот ден предвиден за традиционалниот првомајски излет.

АПЕЛ БРОЈ 1: ЖАРОТ ОД СКАРИТЕ ДА НЕ СЕ ФРЛА НА ОТВОРЕНО

Први мај речиси отсекогаш во нашето општество потсетува на целодневни седенки и пикници во природа. Сите излетнички места ќе бидат преполни со посетители што одлучиле продолжениот викенд да го поминат во своите домови. Па, со оглед на тоа што многумина ќе истераат и споени викенди, очекувано е и зголемено присуство на излетничките места околу Скопје.
Токму оттука почнува традиционалниот проблем за јавните претпријатија, но и за противпожарната заштита на градот.
Палењето скари на отворено и неправилното гаснење на жарот од нив може да предизвикаат трагедија од катастрофални размери, на што сме сведоци од минатото. Македонија не е земја на која не ѝ се познати фаталните и катастрофални пожари предизвикани од фрлени догорчиња или, пак, од палење отпад на локалните ниви. Сепак, за овој празник, огромна е можноста да се предизвика пожар од неизгаснат жар од скарата што ја прават граѓаните. Неговото несоодветно исфрлање на јавните зелени површини, каде што има суви гранки и лисја, може буквално да покоси цела планина, особено во вакви услови, кога времето е поветровито, бидејќи ветерот е една од главните причини за ширење на пожарот.
Токму затоа од Противпожарната бригада на Скопје апелираат до граѓаните да внимаваат како се однесуваат на излетничките места.
– Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје апелира до сите граѓани за претстојниот празник Први мај да бидат крајно претпазливи кога ќе престојуваат во природа правејќи традиционална скара. Бидете одговорни и зачувајте ја природата, која е за сите нас и децата, кои се наша иднина. При заминувањето од излетничките места, со вашите семејства проверете дали се изгаснати огновите со кои приготвувате скари – истакна командирот на чета Сречко Цимевски.

АПЕЛ БРОЈ 2: ДА НЕ СЕ ОСТАВА ЃУБРЕ НА СИТЕ СТРАНИ

Традиционално, проблем од првомајските излети не се само огновите за скарите туку и отпадоците, кои на тони можат да се забележат по завршувањето на првомајските излети. Сите излетнички места се претрупани со отпадоци, што воопшто не прилега на достојно престојување во природа.
– Речиси секој Први мај сликата околу Скопје е иста – на сите излетнички места има ѓубре. На Матка, Марков Манастир, Водно, Парк, Кучково, Скопска Црна Гора буквално има ѓубре, што би рекле старите, за извоз. И тоа е навистина страшно и жално за нас и за природата – вели Велика Столевска.
Најстрашно е што никој нема навика да си го собира отпадокот откога ќе замине, па, доколку не го исчистат надлежните, тоа ќе скапува и со години ќе ја загадува животната средина, а, за волја на вистината, изминатиот период сведоци сме дека градските јавни претпријатија буквално нонстоп работат на чистење на градот, дивите депонии и на излетничките места.

ЈАВНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“ СЕ ПРИДРУЖУВА НА АПЕЛИТЕ…

– Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ апелира до граѓаните да не палат скари на отворено, да не фрлаат догорчиња и да си го собираат отпадот. Исто така, апелираме до возачите да не паркираат возила на зелени површини, да не ги уништуваат засадените дрвца и цветни насади, да ја чуваат урбаната опрема, како што се клупи, канти за отпадоци и видиковци – велат од „Паркови и зеленило“.
Со апел излегоа и од јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје, од каде што апелираат до граѓаните отпадоците да ги фрлаат исклучиво во садови наменети за тоа и да не создаваат диви депонии за да се заштити јавното здравје.