Поплавен е кејот на Вардар во скопската населба Аеродром, кај мостот во градба до хотел „Русија“, како што се забележува на фотографиите што ни ги испратија читатели.

Центарот за известување со кризи (ЦУК) во понеделникот извести за значително покачување на нивото Вардар во Аеродром, за што ги извести и останатите надлежни служби.

Над мостот, конкретно над препреките од десната страна на коритото, зголемениот водостој на реката предизвика заезерување во понеделникот и беше на самата граница на максималната кота на кејот, на потегот од мостот во градба до ПИОМ. Институциите беа на терен по ваквата состојба.

Во текот на вчерашниот ден на педесетина метри од местото на извршување на градежните работи, поставени се високи лимени препреки на пешачката и велосипедската патека и долж линијата на градба, како и знаци за забрана и прекин на движење, односно видлива заштитна лента.

– По укажување на потребата од јавно одбележување на забрана за движење на пешачката и велосипедската патека поради можноста од преплавување на водата надвор од речното корито на реката Вардар во Општина Аеродром, поради изградба на мостот кај хотел „Русија”, изведувачот на проектот постапи веднаш во согласност со насоките и препораките – известува ЦУК.
Фото: ЦУК