Има или нема клима-уреди во скопските автобуси беше предмет на неколкудневно истражување на екипата на „Нова Македонија“. Фактичката состојба покажува дека голем број приватни автобуси навистина немаат клима-уреди, меѓутоа во автобусите на ЈСП се случуваат непредвидливи ситуации, во кои патниците се оставени без разладување на екстремно високи температури

ПРОБЛЕМИ СО РАЗЛАДУВАЊЕТО ВО ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ И ВО ПРИВАТНИТЕ И АВТОБУСИТЕ НА ЈАВНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ

Надвор жешко, во градските автобуси уште пожешко или, ако ги цитираме граѓаните од нашата анкета, „во автобусите е сауна“. Задушливо, спарно и тешко, се само некои од епитетите со кои го објаснуваат возењето во градските автобуси. Граѓаните велат дека причините за таквата состојба се многубројни: почнувајќи од граѓани што го „малтретираат“ возачот да ја исклучи климата, преку отворени прозорци и покрај вклученото ладење, па до дефектни автобуси, на кои не им работи клима-уредот.

КЛИМА ИМА, ИСТО КАКО ДА ЈА НЕМА?!

На пеколни над 40 степени надвор, огромен предизвик е да се возите во автобус. До редакцијата на „Нова Македонија“ пристигнаа неколку поплаки од граѓани дека во некои од автобусите на јавното сообраќајно претпријатие не се вклучуваат клима-уредите.
– Не се издржува, навистина е пекол да се возите во автобус. Бев качена во државна „19“, која не беше климатизирана. Како и вообичаено, внатре имаше метеж, а секако дека прозорците не беа отворени… И за сите овие состојби постојат реални оправдувања. Ајде, во ред, се случуваат дефекти на климите, тоа е во ред, но на таков метеж, да бидете принудени да се возите во сауна, само затоа што на постарата популација ѝ е страв дека ќе ја убие провев, навистина не можам да разберам – вели Лиле Здравевска.
Таа вели дека сега, откако се препорачува и носење заштитни маски во автобусите, при ваква состојба, со маските буквално се задушуваат и едвај издржуваат до крајната дестинација.
– Замислете на над 40 степени, во мал затворен простор, со триесетина луѓе, меѓу кои не носи секој маска. Сите се испотени и тоа испарува. Клима-уред нема, а вие носите заштитна маска што ви го одзема и оној малку кислород што го има во автобусот. Постојано влегувам во конфликти, особено со постарите, бидејќи не можеме да се објасниме дека мора да се отвори прозорец за да не се онесвестиме сите внатре – вели таа.
Според Петар Илиевски, пак, сосема друга ситуација е кога во автобусот има клима-уред, но сите прозорци се отворени.
– Залудно се лади автобусот, тоа нема никаков ефект. Кога се отворени сите прозорци, разладувањето го нема, па имаме впечаток дека не е ниту вклучена климата во автобусот. Баш пред некој ден на шоферот му нагласив да ја вклучи климата, а тој ми одговори дека е вклучена, но дека отворените прозорци не дозволуваат да се намали температурата во автобусот – вели тој.

СИТЕ АВТОБУСИ СЕ КЛИМАТИЗИРАНИ, НО КАКО РАБОТИ КЛИМА- УРЕДОТ?

Има или нема клима-уреди во скопските автобуси беше предмет на неколкудневно истражување на екипата на „Нова Македонија“. Фактичката состојба покажува дека голем број приватни автобуси навистина немаат клима-уреди, меѓутоа во автобусите на ЈСП се случуваат непредвидливи ситуации во кои патниците се оставени на екстремно високи температури без разладување.
Кога екипата се качи во државен автобус со број „19“, клима-уредот не беше вклучен, додека во автобус со број „57“ климата навистина залудно разладуваше, кога сите прозорци беа ширум отворени.
Од ЈСП-Скопје одговорно тврдат дека сите автобуси се климатизирани.
– Доколку непредвидено да се случи дефект со климата во некое возило, тоа се заменува со возило со исправна клима, на почетната/крајната станица – потенцираат од сообраќајното претпријатие.
Оттаму велат дека ЈСП-Скопје нема ингеренции за состојбата со климатизацијата и, воопшто, со состојбата на возилата на приватните превозници.
– Тоа се однесува за возилата што сообраќаат на линиите 11, 11А, 12, 20, 23, 45, 47А, 54, 55, 73, каде што возат исклучиво приватните превозници. На линиите 9, 19 и 22, 80 отсто сообраќаат возила на приватните превозници, а преостанатиот процент се возила на ЈСП-Скопје.
За климатизацијата во возилата на посочените линии се одговорни „Слобода превоз“ и „Мак експрес“, фирмите приватни превозници – велат од ЈСП-Скопје.