Од Општина Центар информираат дека започнале со поставување заштитни нанофилтри на прозорците на сите 11 детски градинки под надлежност на општината. Досега филтри се поставени на матичниот објект на детската градинка „Кочо Рацин“, на прозорците на објектот „Наум Наумовски-Борче“ од истата градинка, а во текот на наредните денови исти такви филтри ќе се постават и на другите девет објекти на општинските детски градинки.
Филтрите имаат цел да дејствуваат против ПМ-честичките и штетните надворешни влијанија, кои се особено изразени во зимскиот период. Со поставувањето на филтрите во голема мера се намалува изложеноста на децата на ПМ 10, ПМ 5 и ПМ 2,5 честичките, наедно спречувајќи го загадувањето на амбиенталниот воздух и просториите во градинките. Нанофилтрите се изработени од еколошки и биоразградливи материјали, не нанесуваат штета на здравјето на децата и вработените и не ја загадуваат животната средина.