Град Скопје денес ја почна реконструкцијата на улицата Скоевска во населбата Радишани, во општината Бутел. На почнувањето на градежните работи присуствуваа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски.
Со овој проект целосно се реконструира коловозот на улицата и нејзините три краци, во вкупна должина од околу 1.800 метри и ширина од шест метри, од крстосницата со ул. Ѓоре Ѓоревски до крстосницата со ул. Радишанска, а наедно се предвидуваат и соодветно партерно уредување и зеленило.
– Станува збор за една од поважните сообраќајници во ова населено место, која не е реконструирана повеќе од четири децении и таа, како што може да се види на терен, е во исклучително лоша состојба. За Град Скопје сигурноста и безбедноста на граѓаните се приоритет и со реализацијата на овој проект жителите на населбата Радишани ќе добијат комплетно реконструиран коловоз, со соодветна хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација и соодветно партерно уредување и зеленило – истакна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Данела Арсовска додаде дека покрај оваа улица, пред почнување е и реконструкција на дел од улицата Бутелска и повеќе други проекти, во согласност со барањата на граѓаните од општината Бутел.
Градоначалникот Костовски изрази задоволство од почетокот на реализацијата на овој проект, кој Град Скопје го реализира преку договор за меѓуопштинска соработка, каде што со него им се излегува во пресрет на потребите на повеќе од 7.000 жители во населбата Радишани.
Вредноста на изведбата е 20.541.605 денари, при што се постигнати намалување на цената со електронска јавна аукција и заштеда од 20 отсто од проценетата вредност на проектот.