Фото: Игор Бансколиев

Само во 2020 година, трошоците за судските постапки, жалбените постапки, одговорите на жалбите, адвокатските услуги итн. го чинеа Град Скопје повеќе од 15 милиони денари. Истото тоa во 2021 година го чинеше Градот повеќе од 26 милиони денари. Во 2020 година биле поднесени 480 тужби против Град Скопје, додека во 2021 година биле поднесени 589 тужби

ГОЛЕМ БРОЈ ГРАЃАНСКИ ПРОБЛЕМИ ПРЕДИЗВИКАНИ ОД НАПАДИ ОД УЛИЧНИ КУЧИЊА

Проблемите на граѓаните предизвикани од каснување од улични кучиња се многубројни, почнувајќи од предизвиканиот страв и болка, телесните рани и крвавењето, „трчањето“ по серум за вакцинирање, задолжителната посета на доктор итн. Дополнително, траумите предизвикани од нападите, кај граѓаните создаваат фрустрации долги години по нападот, па, така, нападнатите од кучиња вообичаено никогаш не ја враќаат или не ја стекнуваат наново довербата во животните.

НИТУ ЕДНО КУЧЕ НЕ НАПАЃА БЕЗ ПРИЧИНА?

Она што е важно да се напомене е фактот што ниту едно куче не напаѓа без причина, барем така тврдат многубројните анализи од психолозите и од љубителите на кучиња. Според нив, кучињата напаѓаат исклучиво доколку се претходно предизвикани, тепани или малтретирани…
Некои од граѓаните велат дека имаат соседи што се доста насилни со уличните кучиња, па животните се исплашени и напаѓаат речиси секогаш кога ќе видат непознат човек во близината.
– Живеам во Драчево и сега, откога се разубави времето, речиси секој ден сум со децата во паркот на лулашки. Пред наши очи, тројца возрасни мажи зедоа камења и почнаа да маваат по едно од кучињата што буквално си лежеше и никому не му правеше ништо. Го удираа додека кучето квичеше од болка и исплашено бегаше. Сето тоа пред очите на децата, кои треба да се едуцираат од возрасните дека насилството никогаш не е решение, ниту кон животните, ниту кон луѓето, бидејќи тоа ништо не решава – вели Милена Димитровска.
Таа вели дека кога го напаѓале кучето, едниот од нив сето тоа го снимал, додека сите се смееле.
– Морбидно беше дури за гледање, возрасни мажи, на околу 40 години, да прават такви небулозни работи, па дури и да се смеат. Отидов до нив, почнав да им објаснувам зошто не е добро тоа, па, за среќа, како да се засрамија и заминаа – вели таа.

Градските власти и проблемот со нападите на уличните кучиња

Токму нападите од кучиња, кои се многубројни во главниот град и кои реално предизвикуваат главоболки за надлежните, беа причина градските власти да преземат нешто во врска со тој проблем.
Речиси нема граѓанин што бил нападнат од улично куче да не побара обесштетување од страна на надлежните за тоа. Само во 2020 година, трошоците за судските постапки, жалбените постапки, одговорите на жалбите, адвокатските услуги го чинеа Град Скопје повеќе од 15 милиони денари, во 2021 година повеќе од 26 милиони денари. Во 2020 година биле поднесени 480 тужби против Град Скопје, додека во 2021 година биле поднесени 589 тужби. Сето тоа беше причина за носење на одлуката за вонсудско спогодување, кое ќе заштеди многу средства во градскиот буџет.
Советот на Град Скопје на неодамнешната седница донесе одлука за надоместок на материјална и нематеријална штета предизвикана од бездомни кучиња на јавни површини.
– Со оваа одлука се утврдува вонсудско спогодување во постапка по која ќе може да се исплаќа штета во согласност со судските практики. Вонсудското спогодување е во полза на намалувањето на енормните трошоци што произлегуваат од судските постапки и сите придружни процедури, а исто така е полезно и за оштетените во остварувањето на правото – информираа градските власти.
Во согласност со новата одлука, како што информираат оттаму, ќе биде оформена комисија што ќе одлучува за начинот и исплатата на штетите од каснување предизвикано од бездомни кучиња. Комисијата ќе одлучува врз основа на правилник за склучување спогодба со оштетени граѓани.