Општина Кисела Вода почна со изградба на паркинг-простор за над 60 возила во населбата Расадник. На место на кое постоеше дива депонија, жителите на оваа урбана заедница ќе добијат простор на површина од околу 400 квадратни метри на кој ќе можат да ги паркираат своите возила. Како што најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, градежните активности треба да завршат за околу две седмици.
Како градоначалник, но и како жител на општината Кисела Вода, свесен сум за недостигот од простор за паркирање и за потребата од наоѓање нови локации каде што нашите жители ќе можат да ги оставаат своите возила, без да си пречат едни на други. Покрај тоа што сериозно се зафативме сo претворање на дивите депонии во зелени паркови, еден дел од нив ќе ги уредиме и како паркинзи. Ова беше и главната тема на која разговаравме со директорот на ЈП „Градски паркинг“, Христовски – истакна Ѓорѓиевски.

Директорот Христовски посочи дека на работниот состанок со градоначалникот ги разгледувале сите можности за наоѓање нови локации за изградба на паркиралишта во општината Кисела Вода, како урбана заедница што постојано се модернизира и расте.
Со градоначалникот Ѓорѓиевски имавме успешна средба, на која се отворија многу теми за подобрувањето на услугите што ги дава нашето градско претпријатие. Организацијата на сообраќајот во мирување има голема улога во квалитетот на одвивањето на сообраќајот во градот, особено во урбани средини како што е Кисела Вода. Со денешниот прв заеднички проект, се надевам дека почнуваме со наоѓање квалитетни и трајни решенија за жителите на оваа општина – изјави директорот на ЈП „Градски паркинг“, Христовски.
Пред два месеца, Општина Кисела Вода изгради паркинг-простор за 60 возила и на улицата Бранко Заревски во населбата Драчево.