Започна изградбата на нов зелен плоштад и парк во населбата Ченто, во општината Гази Баба.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, истакна дека во согласност со програмата за модерно Скопје, воспоставувањето нови зелени површини и нови паркови е еден од приоритетите во работата на Град Скопје, а граѓаните на овој дел од општината за првпат ќе добијат модерен парк и нови уредени зелени површини.
Во согласност со програмата за модерно Скопје и воспоставувањето нови зелени површини на територија на градот Скопје, денеска започнуваме со хортикултурно уредување јавна површина, нов зелен плоштад на улицата Јужноморавски бригади, во населбата Ченто, нов парк за над 20.000 жителите на овој дел од општината, кој ќе биде уреден на површина од 5.000 квадратни метри – истакна Арсовска.
Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ангеле Сотировски, истакна дека по иницијатива на градоначалничката, екипите на јавното претпријатие веќе се почнати со целосно расчистување на теренот.
Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ веќе почнаа со целосно расчистување на теренот, а во следниот период ќе се пристапи кон рамнење на почвата, како и пополнување на површината со квалитетна почва, спроведување систем за полевање и подготовка на почвата за садење дрвја и вегетација, а се предвидува и флористичко збогатување на просторот – рече Сотировски.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, истакна дека жителите на Ченто за првпат ќе добијат ваков нов зелен простор.
– На ова место, кое претходно беше неуредно и полно со шут и ѓубре, сега жителите на населбата Ченто со овој проект, за првпат откако е населена оваа населба, ќе добијат нов зелен плоштад и уреден простор за одмор, спорт и рекреација – потенцира Стефковски.