Со цел подобра комуникација со централното градско подрачје во вечерните часови и по барање на жителите на општината Илинден, од ноќеска почна да функционира пробна ноќна линија со бројот 63б, која ќе сообраќа од Транспортен центар – Скопје до населеното место Мралино во деновите сабота и недела во терминот од 00.15 часот.
– Ова беше договорено на работната средба помеѓу градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, и новиот директор на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, Иван Илиевски. Исто така на средбата се разговараше за подобрување на јавниот автобуски превоз со зголемување на бројот на линии и автобуски постојки на целата територија на општината Илинден – информираат општинските власти.
Оттаму додаваат дека Општина Илинден ќе продолжи и понатаму со реализација на плановите за подобрување на јавниот автобуски превоз, како и зголемување на бројот на линии и автобуски постојки, со што ќе се обезбеди поквалитетен и поефикасен јавен градски превоз за граѓаните на општината Илинден.