Долгогодишната дива депонија лоцирана на улицата Бутелска во населбата Радишани, општина Бутел, сега е нова зелена површина од над 3.000 квадратни метри. Во првата фаза, јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ хортикултурно уреди околу 1.496 квадратни метри, а во втората завршна фаза хортикултурно уреди уште 1.500 квадратни метри.
– Наместо долгогодишна дива депонија, уредивме нова зелена површина на над 3.000 квадратни метри за граѓаните. Во оваа прва фаза на оваа површина се засадени над 200 зимзелени и листопадни садници. Продолжуваме со реализација на уредување и подигнување нови зелени површини и зелени коридори во Скопје – изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
За градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, новиот парк за граѓаните на општината Бутел содржи нови патеки за пешачење, посебен систем за наводнување, зимзелени и листопадни дрвца, нови летниковци, како и содржини за најмладите. Тој нагласи дека комплетно е реконструирано и фудбалското игралиште што се наоѓа во овој потег.
За комплетно уредување на оваа зелена површина, екипите на ЈП „Улици и патишта“ во средишниот дел на паркот изградија пешачка патека, поставени се заштитна ограда и заштитни столпчиња.
Град Скопје, заедно со ЈП „Паркови и зеленило“ и општините, продолжува со активности за уредување нови зелени површини и формирање зелени коридори низ населените места во Скопје.