Фото: Игор Бансколиев

Иако велосипедистите се една од најранливите сообраќајни категории, и во таа група учесници во сообраќајот, за жал, не мал е бројот на оние што се однесуваат игнорантно спрема правилата во сообраќајот, по малку супериорно, самобендисано и крајно себично. Ова е ставот на граѓаните при реализираната широка анкета на „Нова Македонија“. Иако не станува збор за генерализација, бидејќи некои од велосипедистите се исклучително дисциплинирани, граѓаните велат дека не е мал бројот на велосипедисти што се однесуваат како „шерифи“ во сообраќајот

И ранливите категории во сообраќајот задолжително треба да ги почитуваат правилата и прописите

Велосипедскиот сообраќај е еден од видовите на сообраќај што интензивно расте и се зголемува. Секојдневно сѐ поголем е бројот на граѓани што активно го користат својот велосипед за да стигнат на работното место, училиште, факултет или, пак, на пазарење, а исто така голема е и бројката на граѓани што со своите семејства рекреативно возат велосипед. Но и оваа категорија на учесници во сообраќајот, како и секоја друга, треба внимателно да се однесува во сообраќајот, да биде одговорна категорија, која изминатиот период се докажа дека е една од ранливите категории на учесници во сообраќајот, исто како и пешаците.

И ВЕЛОСИПЕДИСТИТЕ НЕ ГИ ПОЧИТУВААТ ПРАВИЛАТА

За жал, не мал е бројот на велосипедисти што во сообраќајот се однесуваат супериорно, самобендисано и крајно себично. Тие поединци ја нагрдуваат сликата за велосипедистите што дисциплинирано учествуваат во сообраќајот. Ова е ставот на граѓаните при реализираната широка анкета на „Нова Македонија“.
– Има разлика од велосипедист до велосипедист. Некој се однесува во согласност со сите правила и прописи, но некои од нив навистина ги прекршуваат сите правила што ѝ се познати на природата. Не пропуштаат пешаци, не возат на велосипедски патеки онаму каде што ги има, ниту пак преминуваат улица соодветно. Дополнително, многу се агресивни ако пешак не се тргне, па пцујат, навредуваат и викаат – вели Кристина Јовчевска.
Таа додава и дека некои од нив немаат никаква сигнализација на велосипедите и во вечерните часови воопшто не можат да се забележат.
– Некои од нив кога возат немаат светло, немаат ѕвонче и воопшто немаат никаков начин за да сигнализираат. Ако како пешак се најдете пред нив, нема да ви ѕвонат за да ве предупредат, туку ќе кашлаат, ќе кочат, ќе пробуваат да се пикнат покрај вас, но нема да ви сигнализираат. Сето тоа е доста ризично, особено кога шетаме со мали деца. Тоа најчесто ми се случува во Автокоманда, каде што има посебна велосипедска и пешачка патека. Иако имаат посебна патека, сепак, доста често се случува да возат по пешачката и да бидат агресивни, да викаат и пцујат ако не им се тргнете од патот – вели таа.
Според граѓаните што ги запрашавме, ништо подобра не е ситуацијата во Центар, Карпош, Аеродром, каде што се забележува сѐ поголем број на велосипедисти.

ЕДУКАЦИЈАТА Е НАЈВАЖНА

Иако голем дел велосипедисти возат прописно, внимаваат на правилата и прописите, сепак, прашањата ги упативме кај најголемата велоорганизација, посветена токму на велосипедистите „На точак“.
Оттаму велат дека однесувањето на сите учесници во сообраќајот во Македонија, особено во Скопје, не е детерминирано од типот на превозното средство што го користат.
– Можеби оние што користат автомобили, поради привидната сигурност од големата лимена кутија во која се превезуваат, самите себеси си придаваат поголемо значење од „кревките“ велосипедисти и пешаци. Но може да се заклучи дека сеопштата сообраќајна некултура влече корени од сеопштата општествена атмосфера во која живееме, која стимулира култура на неказнивост и култура на корупција. Оттука, квалификациите за „невнимателни, самобендисани, агресивни, кои не почитуваат никакви правила, немаат ѕвончиња, не пропуштаат пешаци и сл.“ не го објаснуваат однесувањето само на велосипедистите туку и на сите оние што се под влијание на сеопштата некултура на живеење – велат од „На точак“.
Оттаму велат дека, за жал, постои и големо непознавање кај сите учесници во сообраќајот кога и како велосипедист треба да се движи на коловоз во отсуство на издвоена велосипедска патека, бидејќи мрежата на велопатеки во Скопје не е солидно развиена, па делење на коловозот е чест случај, кој исто така е соодветно законски регулиран. Токму тоа мешање, во комбинација со нетрпеливоста и недостигот од почит кон другите на патот, честопати е плодна основа за конфликти меѓу различните учесници во сообраќајот.
– Според тоа, „На точак“ работи на едукација и на оваа категорија граѓани, како и на сите други, со што укажува како треба, а како не треба да се однесува секој учесник во сообраќајот, независно од превозното средство, преку каналите и алатките на комуникација што ни се достапни. Штом тргнал некој да се движи во некој правец, треба да е свесен дека е во интеракција со различни учесници во сообраќајот, на кои ако не внимава и не почитува правила, може да им наштети и повреди или може да биде повреден. Затоа „На точак“ постојано апелира на одговорно сообраќајно однесување на сите, а имаме организирано и неколку критични маси, кои се токму на темата однесување на велосипедисти и правила на движење во сообраќај, како и потсетување за законските норми – потенцираат оттаму.