Пролетната работна акција на Град Скопје, со екипите на јавните претпријатија и во координација со Општина Центар, успешно се спроведе на целата територија на оваа општина.
Од почетокот на работната акција за чистење на општината Центар, во специјалните садови, кои на пет локации ги постави ЈП „Комунална хигиена“, досега се оставени околу 105 кубни метри кабаст отпад, кои се подигнати и транспортирани од екипите на претпријатието. Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ секојдневно рачно и машински ги метеа и миеја булеварите, улиците, сите автобуски постојки, а извршија и дезинфекција на надземните и на подземните контејнери поставени во оваа општина.
Во рамките на акција за генерално чистење на општината Центар, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ почнаа да отстрануваат и обемна дива депонија лоцирана под Скопското кале.
Теренски екипи на ЈП „Паркови и зеленила“ во општината Центар искастрија шест дрвја врз основа на издадено решение на улиците Борка Талевски и Питу Гули. Со акцијата на чистење и уредување на јавните зелени површини по должината на булеварите и градските улици во оваа општина беа опфатени улиците: Пролет, Никола Карев, 11 Октомври, Св. Кирил и Методиј и Васил Ѓоргов, како и булеварите Кочо Рацин, Св. Климент Охридски и Гоце Делчев. Со акцијата се реализираа и интервенции на обликување и кастрење на вкупно 30 дрвја, по издадени решенија од Секторот за комунални работи на Град Скопје.
Во пролетната работна акција во општината Центар, екипите на ЈП „Улици и патишта“ санираа ударни дупки на улиците Френклин Рузвелт и Даме Груев и на булеварот Гоце Делчев, со вкупна површина од 110 квадратни метри, и ја санираа и нивелираа канализациската шахта што беше со големо оштетување на улицата Димитрие Чуповски.

Одговорните екипи за одржување на хоризонталната сигнализација на градските сообраќајници во централното градско подрачје ги обележија такси-станиците на улицата Димитрие Чуповски кај Триумфалната порта, на излезот од ГТЦ, на улиците Аминта Трети и 11 Март и на булеварите Крсте Петков Мисирков и Мајка Тереза, со вкупен капацитет на 43 возила. Екипите што ја одржуваат светлосната сигнализација на крстосниците во градот монтираа вкупно 36 уреди за звучна сигнализација за лица со нарушен вид (звучни сигнали на семафорите) на крстосниците на булеварот Мајка Тереза со улицата Јордан Мијалков, на улицата Димитрие Чуповски со улицата 11 Октомври, бул. Партизански одреди, пешачки премин „Сити мол“, бул. Илинден кај Матичната служба и улицата Димитрие Чуповски, пешачки премин „Рекорд“, и на булеварот Кочо Рацин со улицата 11 Октомври. Екипите ги санираа и недостатоците на семафорите, и тоа на крстосниците на ул. 11 Октомври со бул. Климент Охридски, бул. Гоце Делчев со ул. Стив Наумов, бул. Крсте Петков Мисирков со бул. Гоце Делчев, крстосницата на Кочо Рацин со кеј „13 Ноември“ и на крстосница на булеварот Мајка Тереза со улицата Јордан Мијалков. На семафорите се заменети оштетените сенила и монтирани нови сенила за црвени и зелени пешачка лантерни.
Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ во текот на работните активности во оваа општина, на улицата Јордан Мијалков извршија контрола на 24 шахти, рачно се исчистени 20 шахти, 24 сливници, миење на канализациска линија од 310 метри, со цистерна со вакуум 3, и прочистување на 320 метри со цистерна под притисок. На булеварот Илинден извршија контрола на седум шахти, рачно се исчистени седум шахти, 23 сливници, миење на канализациска линија од 440 метри, со цистерна со вакуум, и прочистување на 160 метри, со цистерна под притисок. Екипите на претпријатието во Општина Центар за време на акцијата на терен вршеа рачно чистење на сливници и шахти (атмосферски и фекални) и миење со цистерна со вакуум и со цистерна под притисок на атмосферските и на фекалните сливници и шахти.