Kружни текови за намалување на сообраќајниот метеж?

249
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Експертите за сообраќајна проблематика немаат единствено мислење дали на Скопје му требаат повеќе улични кружни текови или да се бараат други алтернативи. Мадрид има 2.700 кружни текови, додека Барселона има околу 1.000 помалку. Му требаат ли повеќе кружни текови и на Скопје, кое постојано расте

Кружните текови во Скопје беа промовирани пред неколку години, а се изградија како нови сообраќајни решенија, кои ќе овозможат поголема проточност на сообраќајот. И тогаш, како и сега, причината беше наоѓање нови издржливи сообраќајни решенија што би овозможиле поголема проточност во сообраќајот и би ги намалиле метежот и загадувањето во градов. Во светот често се применува изградбата на кружни текови, преку кои се избегнува сообраќаен застој. Добар пример за нив се Австралија и Шпанија. Австралија на пример изобилува со кружни текови до тој степен што во оваа држава има повеќе кружни текови отколку семафори. Сепак, се поставува прашањето дали заменувањето на семафорите со кружни текови би го решило проблемот со густиот сообраќај и би го намалило загадувањето од автомобилите, кое нас во Скопје особено нѐ засега.

Кружните текови се многубројни во градот Мадрид. Според податоците од истражувањето на Елија Каноса Замора и Анжела Гарсија Карболо од Одделението за географија на Автономниот универзитет во Мадрид, се наведува дека градот има 2.700 кружни текови. Барселона, во споредба со Мадрид, има околу 1.000 помалку. Според сообраќајните експерти, кружните текови овозможуваат поголема проточност на сообраќајот. Возилата помалку застануваат кога минуваат низ нив и побрзо стигнуваат до саканата дестинација и на тој начин создаваат помало количество загадувачки материи.

За да се применат практично вакви решенија и во Скопје, најпрвин се потребни измени на урбанистичкиот план на градот, но дали е тоа можно? Во нашиот град има неколку жешки точки, за кои сообраќајните експерти утврдиле дека им се потребни сложени кружни текови или, пак, тие да бидат на две нивоа. Такви се раскрсниците кај Судска палата, Комплекс банки и кај зградата на поранешна „Нова Македонија“.
Невладината организација „Екосвест“ во некои свои истражувачки политики, во кои на тематски одржана конференција имала вклучено и градежници и урбанисти, тврди дека располага со одредени информации на оваа тема.

– Во 2016 година особено беше актуелна изградбата на кружни текови. Од разговорот со експертите, сообраќајни планери, излезе едногласен заклучок дека во сообраќајот не постои едно универзално и сеупотребливо решение и дека станува збор за проблематика што мора да се разгледува од многу аспекти. Кружните текови како решение имаат своја намена и се одлично решение во случаи каде што нивното поставување е поткрепено со соодветни анализи. Проблемот настанува кога кружниот тек се поставува на несоодветна локација, поточно локација со голем оптек на возила или со премногу голема разлика на нивото на сообраќајници во истиот тој поради природата на самиот кружен тек – вели Стојан Лешоски од здружението „Екосвест“.

Исто така повеќето истражувања и искуства од другите метрополи укажуваат дека за отворањето сложени кружни текови се потребни повеќе пари и поголем простор, кој градот Скопје го нема. Во нашиот град, кој непрестано расте и се зголемува како по територијата така и по бројот на жители, според здружението „Екосвест“, треба да се избегнува сообраќајот, односно присуството на моторни возила во централното градско подрачје, со нудење алтернативи и враќање на јавниот простор на пешаците.

– Секаде во светот се оди на стеснување на улиците и протокот на автомобили. Кај нас има обратен принцип, наместо да се стеснуваат коловозните ленти, тие се прошируваат. Ваквиот пристап е присутен и успешен во многу светски метрополи, како на пример во Виена, каде што летните тераси и паркинг-просторот се спуштени на самиот коловоз, со што значително се намалува протокот на возила. На пример, на крајната десна лента се поставуваат контејнери или се поставуваат паркинг-места за да се намали протокот на возила – вели Лешоски.


Градови со најмногу кружни текови

Освен поголемата подвижност и намалувањето на загадувањето, кружните текови имаат и друга позитивна карактеристика – тие ги намалуваат сообраќајните несреќи. Во студијата на Институтот за осигурување и безбедност на автопатишта во Вашингтон се вели дека кружните текови се побезбедни од традиционалните стоп-знаци или светлечката сигнализација на раскрсниците. Кружните текови го намалуваат бројот на повредени лица во сообраќајните несреќи за 75 проценти на раскрсниците што претходно биле регулирани со светлечка сигнализација или стоп-знаци. Поради овие причини, високоразвиените градови имаат тенденција да ги имплементираат кружните текови во што поголем број во својата патна инфраструктура. Има и такви градови што имаат повеќе кружни текови отколку семафори.
Градот Кармел од Индијана, САД, е познат како главен град на кружните текови во САД. Од доцните 1990-ти, Кармел гради и ги заменува сигнализираните раскрсници со кружни текови и сега има повеќе од 125 обиколки, повеќе од кој било друг град во Соединетите Американски Држави.
Австралија има повеќе градови што изобилуваат со голем број кружни текови. Канбера претставува главен град на кружните текови во Австралија и има 406 кружните текови и 276 сообраќајни семафори.
– Повеќето кружни текови се во станбени области, а повеќето семафори се на главната патна мрежа. Ги погледнав бројките на кружните текови во Мелбурн, Аделаида и Сиднеј, Мелбурн има 3.858 обиколни страни, што претставува голема бројка. Сиднеј има 1.128, а Аделаида 773 кружните текови – вели директорот за патишта ACT, Тони Гил, за АБЦ њуз.

Градот Кармел од САД е познат како главен град на кружните текови