Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје постави апарат за наплата на сметките во ТЦ „Капитол“, во Аеродром. Апаратот е поставен на вториот кат во трговскиот центар, во делот за банкомати.
– Реализацијата на оваа активност е дел од планот на претпријатието за имплементација на процесот на дигитализација за доближување на услугите до своите корисници. Корисниците на услугите на претпријатието на овој тип апарати имаат можност да направат преглед на сметките и да извршат уплата со користење на картичките „мастер“ и „виза“од сите банки – информираат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека досега вакви апарати се поставени во дирекцијата на претпријатието, во Одделението за грижа на корисниците на ЈП „Комунална хигиена“ и во ГТЦ на приземје. Покрај оваа можност, корисниците можат да пристапат до електронските услуги на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје на веб-страницата на претпријатието и мобилната апликација достапна за Андроид и иОС.
– Во тек е акцијата за наплата на долговите без пресметка на камата за задоцнето плаќање, со можност за склучување договори за рати, до 48 за физички и до 24 рати за правни лица, која трае до 15.3.2022. Ги повикуваме корисниците што имаат заостанати долгови да ја искористат оваа можност што е можно порано, за да се избегнат метежите во текот на последните денови – велат оттаму.