Фото: Игор Бансколиев

Oпштинските власти од Гази Баба, пред само неколку дена, започнаа теренска контрола во Булачани, чија цел беше да се спречи злоупотребата на водоснабдувањето. Првите резултати се охрабрувачки, па граѓаните конечно без страв можат да очекуваат да имаат вода во текот на целиот ден

КОНЕЧНО РЕШЕН ПРОБЛЕМОТ СО ВОДОСНАБДУВАЊЕТО ВО БУЛАЧАНИ

Водоснабдувањето во летниот период е голем предизвик за надлежните јавни претпријатија, не само поради сушата што е карактеристична за Македонија во летниот период туку и поради дивите приклучоци, чии последици најмногу се чувствуваат во летните жеги, кога секоја капка вода е важна. За жал, со вакви проблеми долго време се соочуваа жителите на Булачани, чии сограѓани на диво се приклучуваа на системот, по што оние што се легално приклучени на мрежата во текот на еден ден едвај имаа вода за пиење, а камоли за перење и лична хигиена. Ваквата појава се закануваше да се повтори и летово, но работите полека се менуваат на подобро.

СРЕДЕ ЛЕТНА ЖЕГА БЕЗ ВОДА

На самиот почеток на горештините, жителите на повисоките места во Булачани веќе почнаа да ги регистрираат првите недостатоци на вода за пиење. Револтирани, тие реагираа на социјалните мрежи дека и минатото лето, низ сите жешки денови, биле принудени, не по своја желба, да живеат без вода.
– Минатото лето беше страшно да се живее во Булачани. Речиси по цели денови бевме без вода за пиење, не можевме да се испереме, да се избањаме како луѓе. И таа вода што ќе ни беше пуштена, беше со минимален притисок, па не можевме ниту бојлер да пуштиме. Бевме полни со муви од валканите садови, кои не можевме да ги измиеме, тоа беше живот како во 18 век – вели жител на Булачани, кој поради сензитивноста на проблемот не сакаше да даде изјава со своето име.
И другите жители велат дека биле исплашени дека и ова лето ќе им помине така, без вода и без основни услови за живот.
– Како што почнаа горештиниве, мислевме дека и ова лето ќе бидеме без вода, со оглед на тоа што на почетокот на летото веќе се чувствуваше помал притисок во водоснабдувањето. Почнавме сите од повисокиот дел на Булачани да полниме вода, да правиме резерва, за да не останеме како минатото лето без неа. За среќа, проблемот се реши, па оваа година конечно живееме како секој нормален човек. Имаме вода, без да стравуваме дека ќе останеме без неа – вели Б.Ј., жителка на ова скопско село.
Според жителите, најголем проблем се оние што ем се на диво приклучени ем си ги наводнуваат посевите со водата.
– Колку треба да си себичен, да знаеш дека поради тебе, деца, болни и стари лица остануваат без основното нешто потребно за живот – вода? Да знаеш дека поради тебе, некој нема вода да наполни, да се избања или ручек да направи? Водоснабдителниот систем ни беше преоптоварен од диви приклучоци, кои за свои лични и себични потреби си трошеа вода за која не плаќаа, на сметка на оние што секој месец си плаќаа за вода, која ја немаа речиси во текот на целиот ден – нагласуваат жителите.

ДИВИТЕ ПРИКЛУЧОЦИ ГО УНИШТУВААТ ВОДОСНАБДУВАЊЕТО

Најголем проблем за водоснабдувањето во Булачани, како и речиси насекаде низ земјава, се граѓаните што успеале да го измамат системот и на диво да се приклучат на водоснабдителниот систем. Согледувајќи го проблемот, општинските власти од Гази Баба, пред само неколку дена, започнаа теренска контрола во Булачани, чија цел беше да се спречи злоупотребата на водоснабдувањето.
– Лично излегов на терен заедно со инспекторите од Општината и јавното комунално претпријатие, за да започнеме со теренска контрола за спречување на злоупотребата на водоснабдувањето во Булачани. Проблемот е согледан и е најдено решение. Оваа акција е резултат на реакциите на граѓаните, кои изминатите денови доставија информации до Општината за проблем со водоснабдувањето, кој е последица на злоупотреба на водата. Контролата ќе продолжи и во следните денови – истакна на својот фејсбук-профил градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
Тој апелира до граѓаните да не се врши злоупотреба на системот за водоснабдување, бидејќи ваквата појава ќе биде санкционирана.
Конкретно, за проблемот со водоснабдувањето, од Општината го потврдија за „Нова Македонија“ она во што се сомневаа нивните сограѓани – имено, дека е последица на злоупотреба на водоводниот систем од страна на несовесни граѓани.
– По спроведувањето на контролата, сега веќе од страна на жителите нема поплаки за недостиг од вода. Истовремено, Општината работи и на трајно решавање на проблемот со водоснабдувањето преку обезбедување дополнителни капацитети на вода преку откривање нови дупки – изјавија општинските власти.