Фото: Маја Јаневска-Илиева

Фрлањето смет, догорчиња и амбалажа од храна се само мал дел од секојдневните ситуации, кои на големо влијаат на загадувањето на главниот град. Најчестите загадувачи се граѓаните, на кои, односно на многумина од нив, и покрај тоа што со години се работи на зголемување на совесноста во поглед на загадувањето, сепак, им е најлесно да го фрлаат ѓубрето каде што ќе стигнат

Комуналните редари ги дисциплинираат несовесните граѓани

За спречување на несоодветното однесување на граѓаните од аспект на загадување на животната околина, во рамките на градот функционираат комунални редари, кои доколку ги затекнат на самото место загадувачите, не само што предупредуваат туку имаат мандат и веднаш да санкционираат, со цел репресивно да се влијае на таквото неприфатливо и нееколошко граѓанско однесување.

НАМЕСТО ВО КАНТА, ЃУБРЕ СЕ ФРЛА НАСЕКАДЕ

Градските власти сериозно се зафатија со решавање на проблемот со загадувањето во главниот град. Иако овој пат не станува збор за загадување само во облик на големи депонии туку станува збор за ситното загадување, на кое никој не му придава значење, а е од огромна важност за хигиената во метрополата.
Како граѓани на Скопје сите говориме за тоа од колкава важност е да оставиме позитивни импресии врз туристите, но и добриот глас што за нашиот град ќе се шири, а сепак, многумина од нас максимално ги игнорираат апелите на еколошките организации и на локалната власт да не загадуваат.
Сепак, доколку малку прошетате, ќе видите несовесни возачи како тресат полни пепелници на среде улица, ќе видите граѓани од сите возрасни граници како фрлаат амбалажа од храна и ред други отпадоци на кои местото им е во кантите за отпадоци, кои се насекаде поставени токму со таа намена.
– За жал, свесноста е многу мала, а најтрагично е тоа што гледам млади родители што пред децата фрлаат ѓубре каде што ќе стигнат. На тој начин ги учат дека тоа е нормално, па и децата така се однесуваат. Никако да сфатат дека тој проблем ќе продолжи да постои и во иднина, бидејќи и децата ќе продолжат да се однесуваат така – вели Бошко Цветановски.

ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ 37 КАЗНИ ЗА ЗАГАДУВАЊЕ

Фрлањето ѓубре во зеленило и насекаде, освен во кантите за отпадоци, е проблем на кој градските власти му посетуваат огромно внимание.
Како последица на тоа, комуналните редари на градот го зголемија интензитетот на работа и сѐ почесто можат да се забележат на терен.
Изминатите две недели, тие санкционирале 37 граѓани што загадувале.
– Комуналните редари на Град Скопје продолжија со засилените контроли на терен, при што се изречени 37 казни за прекршување на Законот за јавна чистота. Покрај редовните контроли во урбаниот дел на градот, комуналните редари вршат и вонредни контроли и во руралниот дел на градот за да се спречи создавање диви депонии – информираат градските власти.
Од Градот велат дека комуналните редари санкционираат несовесни граѓани за прекршоци, како фрлање и оставање отпадоци од градежен материјал, фрлање и оставање хартија, догорчиња, амбалажи и други отпадоци, фрлање стари предмети од домаќинство и смет од вршење дејности, продажба и излагање земјоделски и индустриски производи.
– Активностите беа спроведени во општините Центар, Карпош, Аеродром, додека дополнителни екипи дејствуваат на Водно и други локации – велат од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека Градот го продолжува засилениот инспекциски надзор на јавните површини.
– Неселективно ќе се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот, ја загадуваат животната средина и ги загрозуваат животот и здравјето на граѓаните – информираат оттаму.

[email protected]