Немањето хоризонтална сигнализација на сообраќајниците во градот претставува еден од најголемите проблеми на локално ниво. Навидум, тоа не изгледа како некое проблематично прашање, но, според граѓаните, многу е алармантно, кога сакате да преминете улица и знаете дека на таа локација некогаш имало пешачки премин, а поради забот на времето тој избледел и повеќе не се гледа

АЛАТКИ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСТА ВО СООБРАЌАЈОТ ВО ГЛАВНИОТ ГРАД

Обележувањето хоризонтална сигнализација низ градот е една од поважните работи што надлежните јавни претпријатија треба да ги реализираат. Избледените пешачки премини и ознаки за градинки и за училишта може да бидат клучен фактор што влијае на безбедноста, здравјето и животот на пешаците, па токму затоа од круцијална важност е тие да бидат добро обележени, за да бидат забележани и од страна на пешаците и од возачите.

ИЗБЛЕДЕНАТА ХОРИЗОНТАЛНА СИГНАЛИЗАЦИЈА ПОВТОРНО ДА СЕ ОБЕЛЕЖИ

Немањето хоризонтална сигнализација на сообраќајниците во градот претставува еден од суштинските проблеми на локално ниво, што се однесува до безбедноста на учесниците во сообраќајот. Навидум, тоа не изгледа како некое проблематично прашање, но, според анкетата со граѓаните, многу е алармантно, кога сакате да преминете улица и знаете дека на таа локација некогаш имало пешачки премин, а поради забот на времето тој избледел и повеќе не се гледа.
– Во такви ситуации не можете да им објасните на возачите дека на тоа место имало пешачки, не ве пропуштаат да преминете улица, а доколку се осмелите да поминете, ќе добиете куп навреди, пцости и свирежи. Јас долги години живеам во Автокоманда, што би се рекло го познавам секое дупче, секое ќоше од населбата во која сум пораснал, а сега растат моите деца. Понекогаш е невозможно да се премине улица, бидејќи некако изминатите години Автокоманда растеше како населба, кај нас има голем број фирми, од кај нас се крати патот кон Бутел и Радишани, па овде некако метежот е сѐ поголем. Кога во сообраќајниот шпиц треба да поминете улица, тоа е навистина голем и сериозен проблем – вели Александар Трајановски.

ОБЕЗБЕДЕНА МАШИНА ЗА ОБЕЛЕЖУВАЊЕ ПЕШАЧКИ ПРЕМИНИ

Заради обезбедување на сообраќајот во Општина Гази Баба, поточно во една од најфреквентните населби во градот, општинските власти набавија машина за обележување на сообраќајната сигнализација и неодамна, во текот на вечерните часови, јавното комунално претпријатие „Гази Баба“ работеше на обележување на хоризонталната сигнализација.
– Со ова се решава уште едно барање на граѓаните. Нема повеќе да има необележени пешачки премини што би значеле опасност по здравјето и животот на пешаците. Набавката на машината е реализирана од средства од буџетот на ЈКП „Гази Баба“, во висина од 800 илјади денари – информира градоначалникот на Општината, Бобан Стефковски.
Тој најави дека во следниот период, по направен распоред на ЈКП „Гази Баба“, ќе се обележува хоризонталната сигнализација на сите потребни места во општината.
За граѓаните овој потег е за поздрав, бидејќи безбедноста во сообраќајот, која изминатиот период се покажа дека низ целиот град стои на стаклени нозе, нема цена и е најважниот сегмент во општеството.
– Добро е што народните пари одат за потребите на жителите. Набавката на оваа машина значи дека секогаш ќе имаме обележени улици, пешачки премини, паркинг-простори, како и обележја за улици, градинки и слично – вели Наташа Стојановска.


Извршено ноќно обележување на хоризонтална сигнализација во должина од 5.700 метри

Екипи на јавното претпријатие „Улици и патишта“ – Скопје, по налог на Град Скопје, во текот на вчерашната ноќ ја обележија хоризонталната сигнализација во централното градско подрачје, во насока од булеварот Св. Кирил и Методиј, кај зградата на „Нова Македонија“, до булеварот Метрополит Теодосиј Гологанов. Обележана е површина од 5.700 метри должни и машински се обележени надолжните линии.
– Се обновуваше и избледената хоризонтална сигнализација на такси-станиците во населбата Автокоманда, на булеварот Александар Македонски, кај хотелот „Континентал“ обележани се такси-станици со капацитет од пет места за такси-возила, на улицата Коце Металец кај поликлиниката „Ремедика“ со капацитет за три такси-места и на улицата Јани Лукровски кај спортската сала „Металург“ со осум места за такси-возила – информираат од ЈП „Улици и патишта“.
Ноќното обележување ќе продолжи да се одвива и во наредниот период и на другите градски сообраќајници предвидени во динамиката за обележување од Град Скопје.