Фото: Игор Бансколиев

Град Скопје објави повик за субвенционирање стари занаети и занаетчиски дејности во изумирање во Скопје. За поттикнување на развојот на традиционалните занаети преку субвенционирањето стари занаети и занаетчиски дејности во изумирање на територија на градот Скопје, преку Програмата за финансирање проекти за развој на занаетчиството, угостителството и трговијата на Град Скопје, за 2022 година во буџетот на Град Скопје се предвидени средства во висина од 500.000 денари. Паричната субвенција изнесува 10.000 денари по апликант.
Право на учество на јавниот повик имаат: занаетчии што не добиле буџетски средства од проекти за субвенционирање од Град Скопје во тековната година и занаетчии што се регистрирани во согласност со Законот за занаетчиство и вршат занаетчиски дејности во изумирање, кои во согласност со обработените податоци бележат намалување на активноста во континуитет, и тоа следните занаети: јорганџија, опинчар, јажар, крзнар, грнчар, шапкар, ковач, лимар, казанџија, копчар, свеќар, венци, сита, саатчија, ракотворби-корпар, ракотворби-изработка на сувенири, домашна ракотворба, изработка на филигран, накит и слични производи, производство на музички инструменти и самарџија.