Големата пролетна работна акција на Град Скопје и на јавните градски претпријатија од завчера се спроведува на подрачјето на општината Бутел. Во координација со Oпштина Бутел, до крајот на оваа недела екипите ќе спроведуваат активности за рачно и машинско метење и миење на булеварите и улиците, дезинфекција на контејнерите, собирање кабаст отпад, санирање на оштетувањата на коловозите, обновување и поставување сообраќајна сигнализација, садење нови садници и уредување на зеленилото, санации на пријавените дефекти и проблеми од граѓаните, целосно чистење на атмосферските и фекалните линии, како и прочистување на дождовните сливници на булеварите и на градските улици.
На терен координирано работат екипи на јавните градски претпријатија „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Водовод и канализација“, „Лајка“, „Улици и патишта“ и „Дрисла“.
Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ на целата територија спроведуваат активности за рачно и машинско метење и миење на булеварите и на улиците, како и миење и дезинфекција на контејнерите и на микролокациите на кои се поставени тие.
ЈП „Комунална хигиена“ постави и специјални садови за кабаст отпад на неколку локации, каде што граѓаните ќе можат да го остават овој отпад, по што тој бесплатно ќе биде подигнат и транспортиран на соодветна локација. Жителите на општината Бутел својот кабаст отпад ќе можат да го одложат на следниве локации: во Скопје Север кај „Стокомак“; во Бутел 2 на платото кај џамијата; во населбата Радишани меѓу првиот и вториот влез; во Бутел 1 наспроти црквата „Свети Јован“ (кај трансформаторот).

Со пролетната акција на ЈП „Паркови и зеленило“, во општината Бутел ќе биде опфатено зеленилото по должината на булеварите Словенија и Босна и Херцеговина, како и на улиците Бутелска и Александар Урдаревски. На овие локации се врши расчистување на теренот, собирање лисја, косење на тревните површини, собирање на искосот, како и кроење грмушки.
Покрај овие активности, екипите од секторот за дрвореди постапуваат по решенијa издадени од секторот за комунални работи на Град Скопје за кастрење дрвја.
Клучни локации на кои заловувачките тимови на ЈП „Лајка“ ќе постапуваат во општината Бутел се: кај црквата „Свети Јован“, пазарчето во Бутел, околу ООУ „Климент Охридски“, првиот и вториот влез на населбата Радишани, регионот кај последната автобуска станица на бројот 57 и Бел Камен во Радишани.
Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ во општината Бутел ќе вршат рачно
чистење на сливниците и на шахтите (атмосферски и фекални) и миење со цистерна со вакуум и цистерна под притисок на атмосферските и фекалните сливници и шахти.

ЈП „Улици и патишта“ во текот на акцијата во Бутел ќе работи на булеварот Словенија и на улиците Александар Урдаревски, Боца Иванова и Ферид Бајрам.
Нивните екипи денеска ги санираа оштетувањата во асфалтот на булеварот Словенија, со површина од 23 квадратни метри. На сите сообраќајници во општината се извршени контрола и обнова на вертикалната сигнализација.
Јавното претпријатие „Дрисла“ во рамките на пролетната акција во Бутел ќе ги прима, складира и депонира комуналниот отпад, градежниот шут и другите видови отпад што ќе се собира на територијата на општината.
Пролетната акција во општината Бутел почна вчера, 26 април, и ќе трае до 29 април, а потоа екипите на јавните претпријатија ќе продолжат со работа во друга општина.