Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави нови градби, урбанизација и модернизација на населбите Крњево и Маџир Маало. Во интервју за Националниот сервис МРТ, изјави дека населбите Крњево и Маџир Маало, како едни од најстарите маала во Општина Центар, неопходно е да бидат урбанизирани и да добијат модерен лик. Герасимовски рече дека ДУП –от за Маџир Маало 1 е донесен, при крај е тој за Маџир Маало 2, а во завршна фаза е и ДУП-от за Крњево.

– Во Маџир Маало 1 веќе се почнати со давање на дозволи, исто и во Маџир Маало 2 иако е во самата процедура. Таму се повеќе и станбени објекти, има и дел хотели, додека во Крњево се уште немаме почнато со давање на дозволи, нема ни почнато со градби изминатиот период. Верувам дека за брзо време ќе го донесеме и тој ДУП-ќе, ги отстраниме тие забелешки коишто се од град Скопје и од Министерството за транспорт и врски и што поскоро ќе почнеме и таму да издаваме дозволи, како што кажав, да го модернизираме и тој дел од Центар којшто е и самиот влез на Општина Центар. ДУП-овите за Маџир Маало 1 и 2 се во завршна фаза, со поминати јавни анкети и чекаме од институциите да добиеме зелено светло за да поминеме во завршната фаза, односно донесување на Совет и донесување на истите – изјави Герасимовски.

Герасимовски за МРТ кажа и дека општината работи на решавање на проблемот со паркирањето, одржување на хигиената и зголемување на зеленилото, при што најави голем зелен појас на местото на изгорените бараки на поранешниот суд за прекршоци во Градскиот парк.