Фото: Маја Јаневска-Илиева

На почетокот на проектот многумина беа скептици за неговата успешност, познавајќи ја природата на дел од жителите на Скопје, бидејќи многу проекти пропаднаа како резултат на уништување на јавните добра што ги поставуваат општините. На почетокот на проектот многумина мислеа дека дивите препродавачи на пластични шишиња ќе ги уништуваат машините, затоа што со тоа директно се удри по нивниот џеб. Но, очигледно, проектот им се допадна на центарци

ВО ОПШТИНАТА ЦЕНТАР РЕЦИКЛИРАЊЕТО Е ВО ТРЕНД

За околу две години откога се поставени таканаречените вендинг-машини во општината Центар, кои се за рециклирање пластични ПET-шишиња и лименки, рециклирани се повеќе од триста илјади шишиња и лименки. Центарци посветено рециклираат, што може да се види и од бројките од почетокот на имплементирањето на проектот. За жителите проектот е одличен, бидејќи главен мотив се средствата што ги добиваат за возврат на рециклирањето, кои, пак, можат да ги искористат за услугите што претпријатието „Паркинзи на Општина Центар“ ги нуди или, пак, во некој маркет, продавница, кафуле или ресторан.

НАЈМЛАДИТЕ НАЈЗАИНТЕРЕСИРАНИ

Жителите на општината Центар максимално го искористуваат проектот во кој за рециклирање пластична амбалажа или лименка добиваат парични средства. Иако не добиваат големи суми пари, сепак, тоа е доволно за да се мотивираат и отпадоците од пластични шишиња и лименки да ги рециклираат, наместо да ги фрлаат во контејнерите.
Тие велат дека децата најмногу уживаат во проектот, бидејќи освен што рециклираат, си собираат пари на картичка, кои потоа можат да ги искористат за нивни потреби .
– Проектот е одличен. Освен што со него се мотивираат сите жители на Центар да рециклираат и со тоа директно се влијае да се намали создавањето ѓубре во општината, сите жители се учат на однесување многу поинакво од досегашното. Јас имам деца тинејџери, кои буквално собираат шишиња и ги рециклираат. Интересен им е процесот, а, секако, со заштедените пари најчесто купуваме некој додаток за нивните мобилни телефони или гардероба, или, пак, знаеме да седнеме во некое од кафулињата што се вклучени во зелената мрежа на проектот – вели Александар Гелевски.
За овој проект и постарите се доста заинтересирани. Иако велат дека самите не можат да носат шишиња и не знаат како да управуваат со картичките, за тоа се задолжени нивните внуци.
– Им ги собирам сите пластични шишиња, па тие доаѓаат еднаш неделно и ги носат во машините. Ѓубрето не ми е проблем, бидејќи имаме канти за отпадоци пред врата, но за пластичните шишиња не можеме да одиме до машините, а и не знаеме како функционираат. Ако не нашите внуци, нашите деца ги собираат и ги рециклираат – вели пензионерката Нада Топаловска.

РЕЦИКЛИРАНИ ПОВЕЌЕ ОД ТРИСТА ИЛЈАДИ ШИШИЊА ВО ЦЕНТАР

Математиката е едноставна. Доколку едно четиричлено семејство на три дена купува по едно шише масло од еден литар, неделно купува по пет газирани пијалаци од 1,5 литар и по две од две и пол литри, тогаш на неделно ниво на својата гринпеј-картичка за рециклирање ќе добијат девет денари.
За шишиња од 0,25 до 0,75 литри се исплаќаат 0,5 ден., за шишиња од 1 до 1,75 литар се исплаќа по еден денар, а за шишиња од 2 до 2,5 литри се исплаќаат по 1,5 денар.
Од „Паркинзи на Општина Центар“ информираат дека интересот на граѓаните за овој проект е доста голем.
– Интересот на граѓаните за користење на повратните вендинг-машини за рециклирање пластични ПET-шишиња и лименки е навистина голем. До овој момент, во рамките на проектот „И отпадот има вредност!“, рециклирани се 342.279 пластични шишиња и лименки преку машините за рециклирање, кои повеќе од една година собираат амбалажи, кои одат на понатамошна обработка, издадени се над 3.000 гринпеј-картички, со кои жителите имаат можност да учествуваат во процесот на рециклирање и да купуваат со попуст во повеќе од 100 локали на територијата на општината Центар што се дел од нашата зелена мрежа и исплатени се над 300.000 денари субвенции од Општина Центар за сите граѓани што се вклучиле во процесот на рециклирање – информираат од Општината.
На почетокот на проектот многумина беа скептици за неговата успешност, познавајќи ја природата на дел од жителите на Скопје, бидејќи многу проекти пропаднаа како резултат на уништување на јавните добра што општините ги поставуваат. На почетокот на проектот многумина мислеа дека дивите препродавачи на пластични шишиња ќе ги уништуваат машините, затоа што со тоа директно се удри по нивниот џеб. За среќа, од ПОЦ информираа дека вендинг-машините се доста добро заштитени и досега немало посериозни инциденти од овој аспект.
– Досега не сме се соочиле со некој поголем проблем, во смисла на уништување на повратните вендинг-машини за рециклирање пластични шишиња и лименки. На почетокот имаше неколку мали обиди, но поради добрата заштитеност што ја имаат самите машини тие беа неуспешни – нагласија оттаму.

[email protected]