Општина Центар преку анализа на законското решение, а во рамките на овластувањата со што врши работи за располагање со градежното земјиште, до Министерството за транспорт и врски ќе ја поднесе иницијативата за измена и дополнување на Законот за градежно земјиште.
– Со постојниот Закон за градежно земјиште е предвидено лицето што има во сопственост повеќе од 30 отсто од градежната парцела, градежното земјиште во сопственост на РСМ да може да го отуѓи со непосредна спогодба за оформување градежна парцела предвидена со урбанистички план или урбанистичка планска документација. Исто така, законот предвидува градежното земјиште сопственост на РСМ да се отуѓи со непосредна спогодба на сопствениците на објекти или посебни делови од објекти за кои е донесено решение во согласност со Законот за постапување со бесправно изградени објекти врз основа на кое се запишани во јавната книга на недвижности. Ова се однесува и за градежното земјиште под објектот, односно делот од објектот за кој е донесено решение во согласност со Законот за постапување со бесправно изградени објекти и за градежното земјиште што се наоѓа во рамките на градежната парцела, а не претставува земјиште под објектот – се вели во образложението од општината.

Општина Центар смета дека со постојното законско решение, во делот кога градежното земјиште сопственост на државата се отуѓува за оформување градежна парцела, земјиштето сопственост на државата не е во целост заштитено, односно истото тоа е расцепкано поради што не може да биде предмет за реализација на капитален проект или друг објект од јавен интерес.
– Со иницијативата се предлага соодносот за оформување градежна парцела да се смени и наместо сегашните 30 проценти од градежната парцела, кои лицето подносител ги има во сопственост, да се изменат во 70 проценти, односно можност за откуп на градежна парцела да имаат само оние лица што ќе поседуваат сопственост од минимум 70 отсто од градежната парцела – објаснуваат од општината.

Исто така, со иницијативата се предлага наместо да може градежното земјиште, сопственост на државата, да се отуѓи со непосредна спогодба на сопствениците на објекти или посебни делови од објекти за кои е донесено решение во согласност со Законот за постапување со бесправно изградени објекти врз основа на кое се запишани во јавната книга на недвижности. Ова се однесува за градежното земјиште под објектот, односно делот од објектот за кој е донесено решение во согласност со Законот за постапување со бесправно изградени објекти и за градежното земјиште што се наоѓа во рамките на градежната парцела, а не претставува земјиште под објектот, да се ограничи и да може да се откупи само делот што се наоѓа под објектот, а не и градежното земјиште што се наоѓа во рамките на градежната парцела. Лицата што на своите парцели имаат изграден или поставен објект ќе може да го откупат само земјиштето под објектот, но не и целата градежна парцела.

Овој чекор, според образложението, се прави затоа што со важечкото законско решение се овозможува сопствениците на објекти со мала површина да можат да ја откупат и целата градежна парцела, иако не го исполнуваат пропишаниот законски процент од 30 проценти за сопственост на парцелата.

По изгласувањето на иницијативата, Општина Центар овој предлог ќе го достави до ЗЕЛС и до Министерството за транспорт и врски, како надлежно министерство, каде што ќе биде разгледана и ќе се постапува по истата таа. Со оваа иницијатива, општината го заштитува државното неизградено земјиште, го заштитува јавниот простор и ги заштитува жителите на општината.