Фото: Маја Јаневска-Илиева

Голем е проблемот со сопствениците на приватни имоти што ги користат истите тие и за депонии, па така, низ градот имаме голем број локации каде што се складираат разни отпадоци од автомобили, стари гуми, стара и ’рѓосана бела техника… Сето тоа, иако во мали количества, сепак е дел од скопскиот проблем со загадувањето, на кое Градот и општините му објавија војна

НА ПОВИДОК РЕШЕНИЕ ЗА ПРОБЛЕМОТ СО ЛИЧНИТЕ ИМОТИ ШТО СЕ КОРИСТАТ КАКО ДЕПОНИИ

Депониите што се создаваат на отворено, конечно ги живеат последните денови од нивното постоење, бидејќи градските и локалните власти ги интензивираа заложбите и активностите за нивно решавање. За волја на вистината, Скопје сега е почист град, иако сите заеднички имаме уште многу работа за да станеме европска метропола каква што сакаме да имаме.
Сега на ред доаѓаат оние малите депонии, оние во приватните дворови на лица што уживаат да складираат разен отпад заради сопственото импулсивно чувство на поседување нешто за ако еден ден „затреба“ или што би рекле старите „остави го, ќе се најде“.

СКЛАДИРАЊЕТО ОТПАД ВО СОПСТВЕН ДВОР ИСТО ТАКА Е КАЗНИВО

Доколку шетате низ скопските населби, задолжително ќе наидете на крајно неуреден двор, двор во целосен хаос, со нафрлени штици, разни канти, стари плински боци, шишиња, остатоци од мебел, ролетни, рамки од прозорци и што ли уште не. Иако станува збор за приватен имот, имот во кој никој не би требало да се меша, сепак, надлежните одлучија координирано, со заеднички сили, да им се спротивстават и на овој вид загадувачи.
Голем е проблемот со сопствениците на приватни имоти што ги користат истите тие и за депонии, па така, низ градот имаме голем број локации каде што се складираат разни отпадоци од автомобили, стари гуми, стара и ’рѓосана бела техника… Сето тоа, иако во мали количества, сепак е дел од скопскиот проблем со загадувањето, на кое Градот и општините му објавија војна.
Токму од тие причини, градските и општинските власти, со здружени сили, ќе се обидат да му стават крај и на овој вид загадување на животната средина.
Инспекторатот на Град Скопје заедно со инспекторите за животна средина од скопските општини започнаа координирана акција за депонии и сметишта на приватен имот.
– Акцијата опфаќа евидентирање, пронаоѓање на сопствениците на имотот, задолжување со записник и решение за чистење на имотот во даден временски рок. Доколку субјектите не постапат по решенијата, имотот ќе го исчистат јавните комунални претпријатија на трошок на сопственикот – информираат градските власти.
Оттаму додаваат дека заедничката акција на градските и општинските инспектори за животна средина на терен се спроведува во општината Центар во населба Крњево, каде што со помош на механизација се чисти депонија составена од оштетени автомобилски гуми оставени на приватен незаграден имот, при што се подигнати околу 700 гуми, со што е спречено нивно потенцијално палење и загадување на воздухот и животната средина. Да напоменеме, неодамна, токму „Нова Македонија“, како сервис на граѓаните, пишуваше за ова загадување во скопската населба Крњево, кое многу им пречеше на локалните жители.

ГОЛЕМ БРОЈ ПРИВАТНИ ИМОТИ ПРЕТВОРЕНИ ВО ДЕПОНИИ

Огромен е проблемот на скопјани создаден од приватните имоти каде што има насобрано различно ѓубре и смет.
Само во Бутел 2 има приватни имоти и дворови, каде што и околните жители фрлаат ѓубре, а бидејќи е приватен имот, никој ништо не преземаше.
– Имаме еден заграден простор во населбата, кој на сите им служи за фрлање ѓубре. Сопственикот не знаеме ниту кој е ниту каде е, но ѓубрето од домаќинствата секојдневно се таложи. Имаме еден сосед, кој живее спроти, па бидејќи му пречи неподносливата миризба од скапувањето на фрленото ѓубре, на свој трошок повикува екипа да го исчисти просторот. Меѓутоа по некое време, ѓубре повторно се насобира и сѐ се врти во круг – вели Бојан Манчевски, жител на Бутел 2.
Ова е доста голем проблем и за жителите на улицата Црвени брегови, кои велат дека имаат една стара куќа, чии сопственици складираат буквално сѐ што ќе најдат во контејнерите, а и од дома.
– Нашле фрлени штици – ги донеле тука, нашле стар мебел оставен – го донеле тука… на овие временски услови, кога врне почесто, сето тоа скапува, дополнително, мачки и кучиња лежат таму, а бидејќи не е заштитено од дожд, мирисот е ужасен – вели Игор Стојановски.