Багерите почнаа со копање и го означија почетокот на изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина, и тоа на потегот од раскрсницата со булеварот Словенија и улицата Македонска косовска бригада до раскрсницата со улиците Бутелска и Кемал Сејфула. Станува збор за делот од коловозот што поминува покрај населбата Скопје Север.

На почетокот на градежните работи присуствуваa и градоначалниците на Скопје и на Бутел, Петре Шилегов и Велимир Смилевски. За реализацијата на овој капитален проект ќе бидат издвоени околу 150 милиони денари со пресметан ДДВ.

– Постојната улица Босна и Херцеговина е изградена пред повеќе од 40 години, асфалтот не е заменет, а широка е само 7 метри. Таа сега ќе прерасне во нов модерен булевар. Поради констатираните пукнатини на коловозната површина и оштетувањата на улицата, но и поради тоа што претставува главна градска магистрала што ги поврзува општините Бутел и Шуто Оризари, решивме еден од нашите приоритети да биде изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина. Овој булевар ќе биде долг околу 1.400 метри и широк 40 метри. Новиот булевар ќе има по 3 коловозни ленти во двата правци, 5 метри зелен појас во средината, странично зеленило, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни – рече вчера градоначалникот Шилегов.

Тој додаде дека градот прави заложба Скопје да го добие ликот како што е замислен во плановите. Рече дека ретко е во исто време да се градат два нови булевара, два сосема нови сообраќајни коридори, а во моментов паралелно се гради втората фаза од новиот булевар Христијан Тодоровски-Карпош во Бутел.

Градоначалникот апелира до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремено поставениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.