По цело лето мирување, конечно повторно почнаа градежните активности на проширувањето на булеварот Босна и Херцеговина во општината Бутел. Работите почнаа со сечење на првото дрво, единствената сенка под која граѓаните чекаа автобус на последната станица на автобуските линии со број „9“ и „35“ во скопската населба Скопје-Север. Граѓаните, освен ова дрво, веројатно ќе загубат и други, кои ќе се најдат на трасата за проширување на булеварот, која, пак, од другата страна, пред таканаречените социјални згради е само назначена со рабници и други елементи.

Штом градежните активности ќе земат замав, најверојатно ќе биде поместена и автобуската постојка од постојната локација кај железничката станица Скопје-Север на другата страна во населбата. Градежните зафати во изминативе летни месеци мируваа и градежните машини не се поместија од место, откако беше завршена изградбата на потпорниот ѕид од страната на зградите во населбата. Рабниците за проширувањето на булеварот Босна и Херцеговина и другите градежни материјали одамна чекаат на денот кога ќе се употребат, бидејќи проширувањето официјално почна минатата година.