Град Скопје во соработка со УНДП влезе во напредна фаза од реализацијата на активностите за воспоставување Зелен катастар на јавните зелени површини во градот. Основна цел на овој проект е заштита на животната средина, подобрување на управувањето со јавното зеленило, како и зајакнување на урбаната отпорност преку собирање и анализа на просторни податоци за зеленилото, истакна на денешната презентација скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

За жал, како што рече, години наназад, како последица на градежната експанзија, а во центарот на Скопје како последица на проектот „Скопје 2014“, зеленилото во градот честопати било жртвувано на сметка на новите градежни објекти кои задоволуваа извесни лични, политички и бизнис интереси, но не и интересите на граѓаните кои имаат неспорно право да живеат во здрава животна средина.

– Зелениот катастар треба да обезбеди прецизни и квалитетни податоци со помош на кои ќе може целосно да се спречи непотребното сечење или оштетување на дрвјата и целосното уништување на зеленилото за потребите на разни градежни активности, подобро планирање во насока на зачувување на постојното зеленило, поквалитетно одржување и ред други предности – рече Шилегов.

Поради комплексноста на работите, активностите се реализирале во фази. Досега се реализирани активности за геодетско снимање на зелени површини и дрвја, грмушки, и парковска инфраструктура. Изработена е и ГИС апликација за преглед и управување со јавното зеленило на територијата на Град Скопје.

– Со геодетското снимање опфатено е зеленило на површина од 650 хектари. Во оваа фаза тоа го опфаќа булеварското зеленило и парковското зеленило што е под надлежност на Град Скопје. Исто така реализирана е т.н. инвенторизација на теренот која подразбира попис на дрвјата и грмушките, со собирање податоци за видот на дрвото, неговата здравствена состојба, големина, ширина и неговата точна местоположба. Досега се попишани точно 65.844 дрвја и 28.395 грмушки. Во следните фази предвидено е снимање на зелените површини на институциите што се под надлежност на Град Скопје (јавните претпријатија, јавните установи, средни училишта… – нагласи Шилегов.

Во соработка со општините во Град Скопје предвидено е и дополнување на катастарот со зеленилото под нивна надлежност (блоковско зеленило, зеленило под надлежност на основните училишта и градинките). Во најнапредната фаза се предвидува и отворање модул во кој секој граѓанин ќе може да го впише и зеленилото од сопствениот двор.

Шилегов посочи дека оваа интерактивна алатка ќе биде континуирано ажурирана од страна на ЈП „Паркови и зеленило“ со дополнување на новото зеленило и ново насадените дрвја. Потенцира дека во претстојниот период освен садењето нови зелени површини, големо внимание од страна на Град Скопје ќе биде посветено и на заштитата на постојното зеленило. Потсети дека со помош на Шумарскиот факултет работат и на мапирање и ослободување на заробени стебла и корени на дрвја со градежен материјал поставен при нестручно изведени градежни активности.

– Зелениот катастар, како и останатите проекти за заштита и унапредување на животната средина на кои е посветена оваа градска администрација се од витално значење за обезбедувањето одржлив урбан развој на градот. Граѓаните на Скопје заслужуваат да живеат во една модерна зелена престолнина која ќе им гарантира квалитетен и здрав живот. Верувам дека со многу ентузијазам и посветена работа сите заедно можеме да го постигнеме тоа, за доброто на сите – рече Шилегов.