Фото: Маја Јаневска-Илиева

Раскрсницата кај Судска палата е најфреквентната во Скопје, а дневно поминуваат помеѓу 70 и 80 илјади возила. Пред неколку седмици Центарот за управување и контрола на сообраќајот евидентира рекордни 180.000 возила во текот на 24 часа. Експертите сметаат дека кружен тек со надвозник е вистинското решение, кое е веќе вцртано во ГУП

Кружен тек со надвозник кај Судска палата е решението што може да го растовари сообраќајниот метеж на оваа семафорска раскрсница, низ која се спојуваат Бит-пазар и градот и која е главниот излез на Скопје кон север и југ од Македонија. Градските власти сега прават анализи каков би бил пристапот со кој ќе се интервенира на семафорската раскрсница меѓу Судската палата, ТЦ „Мавровка“, Националната библиотека и универзитетот „Кирил и Методиј“. За потребите на проектот се вршеа мерења колкава фреквенција на возила има сега, а бројките достигнаа до рекордни 180 илјади за едно деноноќие.

Сообраќајните експерти се едногласни дека оваа крстосница е една од најоптоварените, ако не и најоптоварена во градот. Експертите сметаат дека не на сите семафорски раскрсници кружните текови би биле најсоодветното решение и затоа претходно треба да се направат анализи. Освен кружните текови, потребно е проширување на дел од скопските булевари. Преку тие зафати треба да се растовари сообраќајот и да го олесни секојдневието на возачите што постојано се заглавени во колоните од возила на многу сообраќајници низ градов.

– Градот Скопје презема големи активности за растоварување на сообраќајниот метеж. Раскрсницата кај Судска палата е најфреквентната, каде што дневно поминуваат помеѓу 70 и 80 илјади возила. Пред неколку седмици од страна на Центарот за управување и контрола на сообраќајот се евидентирани рекордни 180.000 возила во текот на 24 часа. Во моментов се прават анализи за конкретната сообраќајница и пристапот кон кој би се интервенирало на неа. Паралелно со ова, градот Скопје работи на повеќе проекти што директно треба да го намалат сообраќајниот метеж во оваа конкретна точка, преку зголемување на капацитетите на постојните сообраќајници, како и изградба на нови сообраќајни алтернативи.

Како најважен во овој сегмент можеме да го наведеме проектот за мост во центарот на градот, тунели под скопското Кале и кружен тек што ќе го поврзува булеварот Свети Климент Охридски со булеварите Никола Карев и Македонско-косовска бригада. Еден од главните бенефиции со реализацијата на овој проект е токму намалување на метежот на раскрсницата кај „ТЦ Мавровка“ преку давање сообраќајна алтернатива за возилата што доаѓаат од центарот од Бутел и Чаир. Тука, секако, е и проектот за проширување на булеварот Никола Карев, таканаречената Пластичарска улица, кој започна со реализација изминатиов период и значително ќе го зголеми протокот на возила и директно ќе влијае на намалување на бројот на возила што сообраќаат на крстосницата – објаснуваат од градот Скопје.

Сообраќајни експерти велат дека кружниот тек со надвозник кај Судска палата е веќе вцртан во Генералниот урбанистички план на Скопје и тој, секако, ќе се реализира, а целта е сообраќајно да се олесни овој дел од градот.
– Мерењата на Центарот за управување и контрола на сообраќајот покажаа дека оваа семафорска раскрсница е преоптоварена. Кружен тек со надвозник ќе биде идеално решение. Но не може секојпат кружниот тек да биде решение. Мора да се направат сериозни анализи за да се проектира конечно решение – објаснува Николче Спасовски, дипломиран сообраќаен инженер и проектант.

Во насока на растоварување на сообраќајниот метеж е изградбата на булеварот Босна и Херцеговина, како и втората фаза од проектот за изградба на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, на потегот од улицата Натанаил Кучевишки до скопската обиколница. Но и сега, наместо по обиколницата, многу товарни возила поминуваат по градските сообраќајници и создаваат дополнителен метеж.

Кружен тек беше планиран и на крстосницата кај поранешна НИП „Нова Македонија“, а, според планираното, тој требаше да е најголем од сите што се изградени досега. Тој би ги поврзал булеварите Kлимент Охридски, Мајка Тереза, Јордан Мијалков, Свети Kирил и Методиј, Митрополит Теодосиј Гологанов, сѐ уште незавршениот подземен булевар на фирмата „Лимак“ и улицата Васил Ѓоргов. Кога ќе биде готово тоа, никој не може да каже со сигурност.