Промените на имињата на улиците им создаваат проблеми на граѓаните и заради личните документи

Промената на имињата на улиците низ главниот град предизвика бура од реакции кај пошироката јавност. Едни ја поздравуваат оваа одлука, други, пак, сметаат дека таа е апсурдна и крајно непотребна. Како и да е, скопјани повторно добиваат старо-нови имиња на улици. Забележливо е дека во секојдневното користење на имињата на улиците во разговор меѓу граѓаните улиците сѐ уште се нарекуваат по нивните стари имиња. Бихаќска, Водњанска, Првомајска, Ленинова се само некои од имињата што се враќаат во употреба. Но, и покрај зовриената атмосфера во јавноста за именување и преименување на улиците, една друга граѓанска појава станува сѐ поголем проблем. Имено, менувањето на имињата на улиците, па и нумерацијата на живеалиштата, на граѓаните им создава големи „главоболки“, бидејќи со тоа тие мора повторно да ги менуваат податоците во своите лични документи. Згора на тоа, и доставата на документите или пратките на личните адреси на граѓаните станува уште покомпликувана за доставувачите, а граѓаните се загрижени дека сѐ почесто ќе нема уредна достава на пратки на нивната врата, односно со лично врачување.

Листата на имиња се дополнува со вкупно 571 име

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, истакна дека едно од неговите предизборни ветувања е враќањето на старите имиња на улиците во Скопје.
– Едно од моите предизборни ветувања беше враќање на идентитетот на Скопје. Им ги враќаме старите имиња на добропознатите скопски улици – порача тој во јавноста.
Листата на имиња се дополнува со вкупно 571 име, а опфаќа имиња на истакнати личности од областа на градското, националното и светското културно и историско наследство, поважни настани од македонската и светската историја, имиња дадени според топоними на градови во земјата и регионот и други имиња.
– Со ова дополнување на листата е предвидено да се зголеми бројот на имиња на женски личности и настани што оставиле белег во историски и културен контекст, како и на припадниците на немнозинските заедници што живеат во Скопје, но и на бројот на топоними со регионално и светско значење. Од вкупно 571 име, 479 се имиња на истакнати личности, од кои 79 се имиња на жени, додека пак преостанатите 92 имиња се имиња на поими што означуваат поважни настани, топоними и други поими. Во дополнувањето на листата се вратени и имињата на улиците од периодот на солидарноста и изградбата на повоено Скопје, а кои беа отстранети со претходни одлуки на Советот на Градот – информираа од Градот.

Оттаму истакнаа дека спровеле онлајн анкета уште во 2019 година, на која граѓаните ги дале своите предлози за имиња на градските улици, а листата била дополнета и со други формално доставени иницијативи.
– Во листата се вклучени имиња на народни херои и други носители на позначајни државни одликувања, познати личности и настани од светската историја, имиња на скопските градоначалници, ректори на скопскиот универзитет, академици, државници, стопанственици, научници, спортисти, уметници и друго – информираа градските власти.
Во согласност со Законот за определување на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, името на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и со име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња.

Во личната карта еден број на улица, на сметките
сосема друг, а врачувањето пратки на домашна адреса со џипиес

Сепак, жителите на Скопје имаат друг проблем поврзани со имињата и броевите на улиците. Многумина се жалат дека и покрај тоа што во личните карти имаат едни адреси, сметките и другите документи им пристигнуваат на старите имиња и броеви на местата каде што живеат.
– Иако во личната карта ми пишува број 134 а, сепак во документите и секаде во институциите се водам на 68 а. Не знам која е причината за тоа. Кога и да прашам, постојано ми велат дека тоа нема врска, но сепак е проблем, бидејќи не знам која адреса да ја напишам кога пополнувам одредени документи – вели Бајрам К., кој наброи барем дваесетина имиња и презимиња на негови соседи и познаници што го имаат истиот проблем.
Тој вели дека иако повеќепати се пожалил за ова, сѐ уште нема одговор каде и како да ја направи конечно вистинската промена за да може барем тој да ги пополнува личните документи со вистински и точни податоци, а да не се плаши дека ќе биде санкциониран за лажно прикажување податоци. Уште една работа што тој сакаше да ја истакне е примерот со судско доставување покани.

Имено, неговиот сосед морал да плати висока казна иако никогаш не ја добил поканата за на суд за прекршоци, односно таа не била уредно доставена, токму поради промени на нумерацијата на живеалиштата. Тој истакнува дека сигурно не е којзнае колкав голем број на граѓаните што го имаат овој проблем, но прогласувањето на ненадлежност на повеќе институции до кои се обратил, го направиле да се чувствува дискриминирано по однос на ова прашање. Тој малку и на шега прашува дали во ерата на дигитализација, секој поштар, судски доставувач или полицаец треба со себе да има електронски уред џипиес за да направи точна локација и достава.
Градските власти велат дека не се надлежни за овој проблем.
– При евентуална промена на име, таа се доставува до Централниот регистар и до сите релевантни институции и тоа станува официјално. По нивното официјализирање, Град Скопје е задолжен за поставување табли и нумерација на улиците и на објектите. Доколку граѓаните имаат проблем со нумерацијата на конкретниот објект, тие може да се обратат во Одделението за категоризација, нумерирање и именување на инфраструктурни објекти, при Секторот за комунални работи на Град Скопје. За поконкретни информации за личните исправи и документи треба да се обратите во соодветните институции што ги издаваат – информираат градските власти.

[email protected]