Во населбата Драчево, во паркот „Бранители“, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски и претседателите на Советите на Градот Скопје и на Општината, Љубица Јанчева и Дарио Шимиќ, во петокот пуштија во употреба едукативна инсталација наречена „Часовникот“.

Инсталацијата која ја изработи Градот Скопје, има за цел да ги потикне креативноста и интелектуалниот развој кај децата.

Децата преку игра ќе научат како да го мерат времето, да знаат да кажат колку е часот, како работи и од кои делови е составен часовникот. На направата за покажување на времето, децата ќе можат сами да ги вртат стрелките, но најпрво за да стигнат до неа тие ќе треба да влезат во лавиринтот, во кој ќе ги сретнат и по ред ќе ги научат месеците, кои на патеката се поставени во цилиндрична форма. Заради поедноставно учење на бројот на денови во месецот, височината на цилиндрите е различна.

Децата откако ќе ги научат месеците и ќе ја поминат целата патека која води до часовникот, преку најпознатата детска забавна игра „плочка“ лесно ќе ги научат и деновите во седмицата.

Претседателката на Советот на Градот Скопје во обраќањето пред присутните детално ја објасни функцијата на „Часовникот“.

– „Часовникот“ преставува еден ирационален музеј во кој секој може да влезе, временски креативно да се движи низ лавиринтот-просторот, па преку месеците/цилиндрите да ја покаже вештината на креативниот ум, преку сезоните/боите и деновите во неделата/плочката да се насликаат необичните светови креирани во имагинацијата, која произведува раздвижување, раскажување и естетско задоволство за што е заслужен секако и авторот“ – кажа претседателката на Советот на Градот Скопје, Љубица Јанчева.

„И ако можат децата имагинарно да ја реализираат својата замисла, Град Скопје може во реалноста и понатаму да поставува вакви едукативни инсталации (секако во дослух со конкретна општина, како што во случајов е Општина Кисела Вода). Град Скопје и понатаму ќе се залага за поставувањето на вакви едукативни инсталации, и тоа не само да ја анимира и едуцира детската популација, туку и да ја испровоцира и да ја предизвика нивната замисла, интелектуалниот развој и да овозможи слободен креативен свет, нови нешта, па макар тоа и да е само фантазија“ додаде претседателката Јанчева.

Градоначалникот Филип Темелковски во обраќањето пред присутните нагласи дека е задоволен од досегашната соработка со Градот Скопје и кажа дека верува, дека истата ќе продолжи со реализација на уште повеќе проекти кои ќе придонесат за подобар живот на сите граѓани. Темелковски упати благодарност до Градот Скопје за изработката на едукативната инсталација „Часовникот“.

Основата е едукативната инсталација е бетонска и истата е со димензија 8m x 8m. На неа со боја, шаблонски е нацртан лавиринтот. По должината на патеката поставени се 12 бетонски цилиндри на кои се напишани имињата на месеците. Цилиндрите се бојадисани во 4 бои, кои ги означуваат различните годишни времиња: пролет – зелена, лето –црвена , есен – портокалова и зима – сина. Часовникот целосно е изработен од метал и електростатски е бојадисан. И квадратите од играта „плочка“ изработени се од метал.

За изработката на инсталацијата, која е дел од Програмата за култура на Градот Скопје за 2020 година,  Општина Кисела Вода упатува благодарност до Градот и до авторот на делото Филип Петровски.