Фото: Игор Бансколиев

Иако закон за заштита од пушење е во сила одамна граѓаните и понатаму се во дилема дали има никакви промени и што е изменето со новиот закон. Единствено пушачите се сигурни дека сега барем помалку мрзнат и можат да пушат и во затворен простор определен за нив во застаклените и затворени тераси на угостителските објекти. Претходно тие пиеја кафе и пушеа цигари на отворено, а угостителите им оставаа ќебиња на столчињата.

Угостителите, пак, велат дека откако стапил на сила новиот закон, во изминативе месеци во однос од претходно не се забележува голема разлика. И претходно се пушело во делот определен за пушачи, а така е и сега. По разните дебати на оваа тема и сите информации во изминатиот период, се поставува прашањето каде е дозволено пушењето.

Со последните измени на Законот за пушење, пушењето е забрането во сите јавни простории освен надвор од деловниот објект, доколку просторот надвор од деловниот објект е наменет за таа цел и е затворен од сите страни.

– Според новиот закон, пушењето е забрането во сите јавни простории од членот 2 од овој закон, освен надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично). Да појасниме дека со бришењето на алинеја 5 од членот 2 од законот, пушењето е дозволено и доколку просторот надвор од деловниот објект, наменет, уреден и опремен за давање угостителски услуги е затворен од сите страни – велат од Државниот пазарен инспекторат.

За многумина не беше и сѐ уште не е прифатливо да се пуши во кафулињата, каде што може да има и гости непушачи. Вработени од угостителските објекти велат дека според досегашното искуство во однос на претходниот закон, не забележуваат видлива разлика.

– Знам дека го сменија Законот за пушење. Но гостите и претходно и сега ако сакаат да пушат, можат да излезат на тераса и да пушат. А непушачите имаат избор да седат во угостителскиот објект или на терасата. Што и да е сменето, нема некаква разлика – вели угостител од едно кафуле.

Од Државниот пазарен инспекторат, кој е одговорен за инспекциски надзор и спроведување на Законот за заштита од пушењето, велат дека од почетокот на годинава досега биле спроведени 1.257 инспекциски надзори за Законот за заштита од пушењето, при што биле изречени 21 прекршочна мерка и една управна мерка. Според инспекторатот, по извршените надзори по стапувањето во сила на новите измени од Законот за заштита од пушењето, правните и физичките лица во поголем дел ги почитувале одредбите од законот. Оттаму додаваат дека секаде каде што ќе биде утврдено неспроведување на одредбите од овој закон ќе бидат преземени законски мерки.

Причината за менување на Законот за заштита од пушењето, според неговите предлагачи, беше влошувањето на економската состојба во Република Македонија од претходниот закон, кој придонесе драстично да се намали посетеноста на кафеаните, ноќните клубови, дискоклубовите и кафе-баровите. Сопствениците беа принудени да отпуштат дел од вработениот персонал, а тоа придонесе за зголемување на невработеноста.