ЈУ Универзална сала со поддршка на Град Скопје објави јавен повик за поднесување апликации за четвртото издание на фестивалот на светлината „Скопје лајт арт дистрикт – д сан“ (СкЛАД).
Главната тема на ова издание ќе биде сонцето како непресушен извор на светлина и бесконечен извор на енергија. Врската помеѓу Сонцето и Земјата го создава и одржува целокупниот живот на планетата. Уште од самите почетоци на човештвото, сонцето симболизира врховна моќ, знаење, божественост, енергија, сила и повторно раѓање
СкЛАД е основан во 2018 година за да создаде нов културен и социјален настан со фокус на светлосната уметност. Преку минатите изданија во 2018, 2019 и 2020 година, СкЛАД успешно го претстави Скопје на мапата на европските фестивали на светлината, презентирајќи светлосни инсталации и уметност во нови медиуми на водечки уметници од светот, преку нивно истакнување на домашната уметничка сцена.
СкЛАД цели да создаде соработка со други регионални настани и фестивали на светлината, со која дополнително ќе се зајакне важноста на Скопје како еден вид нов центар за современата уметност.

На конкурсот право на учество можат да имаат сите заинтересирани автори што креираат во сферата на светлосната уметност, светлосните инсталации, видеоуметноста или го користат светлото како главен израз на визуелно и уметничко изразување.
Заинтересираните уметници, покрај официјалната пријава, потребно е до организаторите да достават и наслов, детален опис, скици, концепт на предлог-проектот, проект-дизајн, програма со предлог-финансиска конструкција за реализација на истата таа; да наведат локација за која се аплицира; фотографии и/или видео од делата доколку истите тие биле претходно изложени; потребна опрема за реализација на делото; професионално портфолио и кратка биографија на уметникот/уметничката група.
Повеќе информации за повикот, начините на финансирање и другите детали поврзани со 4-то издание на „Скопје лајт арт дистрикт“, може да се најдат на официјалната веб-страница на фестивалот https://www.skopjelightartdistrict.com/call-2021.