Паркирањето е проблем број еден за посетителите Фото: Игор Бансколиев

Неосветлените делови во некои од трговските центри во населбите се причина и за кршење излози и за кражби, па оттаму и стравот на купувачите да ги посетат. Повеќето од дуќаните се во приватна сопственост, што налага приватниците да се грижат за пристојниот изглед на центрите и продавниците

Темни и неосветлени делови помеѓу дуќаните, затворени дуќани, платоа со искршени плочки и на места, по ќошови, мали депонии од наталожено ѓубре. Вака накратко може да се опише сликата за некои од деловите во старите трговски центри во некои од населбите во општините. Општ е впечатокот за неводење грижа и немање одговорен однос кон овие мали деловни единици, кои не баш секаде комплетно функционираат. Некои од дуќаните се празни и одамна затворени, а други постојано работат и им служат на локалните жители. Купувачите забележуваат дека хигиената, осветлувањето или инфраструктурата се чест проблем и се прашуваат кој е одговорен за оваа негрижа, кој е задолжен за хигиената, осветлувањето или за обновата на раскопаните патеки и тротоари.

Неосветлените делови се причина и за кршење излози и за кражби, па оттаму и стравот на граѓаните да ги посетат. Проблем кај некои од нив е и немањето соодветен паркинг-простор, па многупати некои од оние што сакаат да купуваат се одвраќаат од таа намера, затоа што немаат каде да се паркираат. Најголем дел скопски општини тврдат дека се грижат за одржувањето на хигиената на јавните површини за кои се тие задолжени, како и за осветлувањето. Но бидејќи најголем дел дуќани во старите трговски центри се во приватна сопственост, од општините упатуваат дека грижата за одржување на приватниот имот е одговорност на самите сопственици. Тие се одговорни и за хигиената во нивниот приватен простор. Произлегува дека одговорноста за запуштениот изглед на старите трговски центри во населбите е исклучиво на дуќанџиите, кои најверојатно не издвојуваат многу од својата заработка за да се реконструираат уништените плочки или, пак, да се осветлат темните ходници.

– Кога сакам да најдам нешто по бутиците низ населбите, особено во вечерните часови, во некои од нив навистина ми е страв да навлезам повнатре, бидејќи или нема соодветно светло или е темница. Такви делови сум забележала на пример во ТЦ „Скопјанка“, потоа во задните делови од трговските центри во Кисела Вода, Топанско Поле или во Чаир. Не само што е темно и страшно туку во некои хигиената е на најниско ниво, а на некои места и се чувствува мирис на урина. Проблем е и паркирањето, за кое мора да размисли некој – се пожали студентка.
Од општините, пак, потврдуваат дека за хигиената треба да се грижат дуќанџиите, кои остваруваат економски бенефиции од своите бизниси.

– Општината Кисела Вода секојдневно го расчистува отпадот на сите јавни површини во нејзина надлежност. Додека одржувањето на осветлувањето, хигиената и слично во трговските центри не е во надлежност на општината поради тоа што тие се во приватна сопственост и за тоа се грижат правните субјекти што егзистираат во нив. Но, и покрај тоа, нашите сезонски работници кога има потреба вршат расчистување на отпадот во и околу нив. Локалната самоуправа редовно го одржува осветлувањето на улиците и парковите, врши хортикултурно уредување на својата територија, но не и онаму каде што не е надлежна – објаснуваат од општината Кисела Вода.

Од општината Чаир не кријат дека неколкупати имале поплаки од граѓаните во врска со осветлувањето во трговските центри, па по нивен налог и интервенирале.
– Имаше поплаки од граѓани, како и од сопственици на дуќани за искршени стакла од излози во трговскиот комплекс во Топанско Поле, на улицата Методија Митевски. Минатата година двапати интервениравме да го поправиме осветлувањето, а исто така реагиравме и во трговскиот комплекс зад здравствениот дом. Но искршените плочки и хигиената на приватниот простор се обврска на дуќанџиите. Општината Чаир нема јавно комунално претпријатие, но има формирано Единица за јавна чистота. Ангажираните сезонски работници редовно ја одржуваат хигиената на јавните површини. Сезонските работници со договори за дело се задолжени за одржување на хигиената само на јавните површини, но не и на приватните простори од овие центри. Паркинзите се одговорност на општината, но тие немаат капацитет да го задоволат сѐ поголемиот број жители. Токму поради тоа годинава кај трговскиот центар „Чаирчанка“, освен постојниот, планирано е да се изгради и еден монтажен паркинг на два ката – објасни Куштрим Алла, одговорен за информирање во општината Чаир.
Од општината Карпош велат дека на нивната територија не постојат „општински трговски центри“ што се на јавна површина и би можеле да ги одржуваат.
– Станува збор за приватни субјекти, кои постојат и функционираат на сопствено земјиште (како на пример станбените згради, односно секој приватен или правен субјект – така се и регистрирани Централниот регистар на РСМ). Тие во рамките на сопственото земјиште ги регулираат и осветлувањето и паркирањето и хортикултурното уредување. На приватен посед не смееме да интервенираме, односно општинските служби инфраструктурно и хортикултурно работат исклучиво на одржување на јавните површини – велат од општината Карпош.

Кој и да е одговорен за запуштените делови од трговските центри ќе мора да се погрижи да ја разубави сликата на овие мали трговски места да заличат на урбани градски средини. Дуќанџиите им го должат тоа на оние од кои заработуваат, а другото е долг на општините.


Светските трговски центри со системски планови за управување со отпад

Во трговските центри во светот имаат развиено системи за управување со отпадот. Центрите и трговците на мало имаат неколку можности за отстранување на отпадот. Оние што ги користат овие можности го намалуваат количеството отпад што го создаваат. Во исто време заштедуваат капитал и им овозможуваат на купувачите подобри услови за депонирање на отпадот.
Повеќето трговски центри знаат дека нивните бизниси секојдневно произведуваат енормни количества отпад, а доколку трговските центри немаат соодветна опција на управување со отпадот, нема да можат да ја одржат чистотата во градот. За среќа, компаниите за управување со отпад работат со локалните трговски центри, при што им овозможуваат планови за персонализирано собирање.
Програмите за рециклирање играат голема улога во системот за управување со отпадот во кој било трговски центар. Сепак, тие исто така многу влијаат на целиот систем на управување со отпадот во државата. Современите трговски центри помагаат во зачувувањето на околината преку ангажирање компании за рециклирање. Тие компании нудат специјални програми за рециклирање за трговските центри и услуги за собирање на рециклирачките материјали. На тој начин тие го спречуваат загадувањето од депонирање.
Најдобриот план за управување со отпадот од трговски центри ги вклучува и програмите за опасен отпад. Овие програми го отстрануваат опасното ѓубре од трговските центри. Решенијата за управување со опасниот отпад од трговскиот центар располагаат со материјали што претставуваат ризик за луѓето и околината. Овие материјали не можат да ги соберат типичните транспортери за ѓубре и рециклирање. Тие вклучуваат батерии, производи за чистење и електроника. Многу трговски центри особено се фокусираат на управувањето со електронскиот отпад, затоа што располагаат со многу електронски производи.