Зголемувањето на цените на паркингот не ги задржа граѓаните да ги возат своите автомобили на Водно. Соговорниците предупредуваат дека и покрај таа мерка, не се почувствувала никаква промена во намалување на фреквенцијата на возилата, па дури ни во делот од паркирањето на непрописни места. Имено, се реагира и на појавата на непочитување на правилата за паркирање, а некои ги узурпираат дури и паркинг-местата предвидени за инвалиди, заборавајќи дека оваа категорија граѓани имаат преференцијално право на паркинг

Секој викенд Водно е во опсада од автомобили, а минатиот поради убавото време исто така. Ваквата ситуација им создава огромна тешкотија на сите што сакаат да го посетат. Зголемувањето на цените на паркингот не ги задржа граѓаните да одат со автомобили на Водно. Сите што можат да си го дозволат овој комодитет се паркираат каде ќе стигнат. Граѓани реагираат и на појавата на непочитување на правилата за паркирање, бидејќи некои ги узурпираат дури и паркинг-местата предвидени за инвалиди, заборавајќи дека и оваа категорија граѓани имаат право на паркинг.
Елена Петрова го сподели на социјалните мрежи своето искуство и, како што вели, тоа многу често се случува. Таа наведува дека речиси секогаш местата за лица со посебни потреби се зафатени, иако се предвидени за нив. Оваа појава не е актуелна само на Водно, каде што во викендите е најприсутна. Се случува често и во градот. Граѓаните сѐ почесто ги фотографираат ваквите несовесно паркирани возила и потоа фотографиите ги споделуваат на социјалните мрежи. Но не е обврска на граѓаните да ги демнат несовесните. Ако веќе етиката и моралот се толку ниски кај некои наши сограѓани, тогаш тоа станува работа за надлежните, кои треба строго да ги казнуваат оние што не ги почитуваат правилата. Лицата со посебни потреби често наидуваат на разни бариери, а некои од нив можеби можат да се решат и со парите од паркирањето. Ги прашавме во „Градски паркинг“ колку пари се собрани од поскапувањето на паркингот на Водно и за што ќе се искористат средствата, но оттаму не добивме никаков одговор, иако три дена се обидувавме некој да ни одговори. Сите нѐ упатуваа на портпаролот, кој не ни креваше на мобилниот телефон.

– Се качивме на Водно и, нормално, сакавме да се паркираме најблиску до жичницата, од каде што му е најлесно на Игор да изоди и таму каде што, впрочем, се местата предвидени за паркирање за нас. Но, како и секогаш, местата не се празни. Или се паркирани лица без посебни потреби или бизнис се тера на тие паркинг-места, како во конкретниов случај, или никому не му е грижа, никој ништо не презема. Веројатно лицата со посебни потреби треба да си седат дома, а не да прават проблем за ова. Најжално е што „бизнисменот“ уште и зачудено ме гледаше зошто правам фотки. До кога, бре? Како не ви е срам на сите, бре! Аман – вели Елена Петрова во својот фејсбук-статус.

Како што кажува Петрова, нејзиниот син Игор во автомобилска несреќа добил со повреда и оттогаш, дваесетина години, се соочува со голем број бариери, особено со негрижата на луѓето за овие лица.

Непромисленото узурпирање на паркинг-просторот им го одзема правото за слободно движење на овие лица. Тие се луѓе што треба да ги имаат истите права како и сите други. Упативме прашања до градот Скопје и до јавното претпријатие „Градски паркинг“ во однос на бројот на паркинг-места предвидени за инвалиди, но исто така и за тоа колку пари се собрани по зголемувањето на цената за паркирање на Водно и за која цел би биле наменети тие пари.

– Како една од мерките за ослободување на Водно од возила беше воспоставување систем на бесплатен автобуски превоз до Средно Водно за време на викендите и државните празници, а во тој период е воведен поскап паркинг на паркингот на Средно Водно и на паркингот кај „Свети Пантелејмон“. Станува збор за зонско паркиралиште, зона А02, каде што цената изнесува 100 денари за првиот час, а секој нареден час 50 денари. Паркирањето на оваа паркинг-зона се наплаќа за време на државните празници и за викендите од 9 до 16 часот. Сите средства што се собираат на паркингот се наменети за проекти и активности за заштита на Водно. На Средно Водно паркингот е со капацитет со повеќе од 200 места, додека тој кај „Свети Пантелејмон“ е со капацитет од над 150 места. За повеќе технички информации за бројот и видот на паркинг-места, како и за собраните средства, обратете се до ЈП „Градски паркинг“, кои стопанисуваат со овие паркинзи – велат од градот Скопје.
За жал, одговор од „Градски паркинг“ не добивме.

Тоа што лицата со посебни потреби се оневозможени да го користат правото за паркирање не е ништо друго туку дискриминација од нивните сограѓани. Но надлежните не смеат да го дозволуваат ова, а тоа значи дека сообраќајната полиција треба да биде поприсутна за викендите. Останува да се види дали гласот на јавноста ќе допре до нив, но и до граѓаните што не покажуваат осет за другите. Потребно е да имаме малку повеќе човечност и разбирање, особено за оние на кои им е најпотребно.