Скопскиот градоначалникот Петре Шилегов на прес-конференција изјави дека по двегодишната тешка, напорна, но истовремено и искрена и принципиелна борба, депонијата „Дрисла“ е вратена во системот на Град Скопје.

– Со ова решение од Централен регистар денеска и официјално завршува деветгодишната авантура на ВМРО-ДПМНЕ со која овој моќен градски капацитет беше даден на користење на несоодветни таканаречени партнери на градот. Во периодот што следува, за исправноста на работењето на депонијата „Дрисла“ ќе одговара Град Скопје и јас лично како ваш градоначалник. Создадени се услови во текот на утрешниот ден да биде разрешен сегашниот директор на „Дрисла“ и именување на нов в.д. директор, а по седницата на Советот на Град Скопје закажана за 29 јануари, да бидат избрани управен и надзорен одбор на сега веќе градското јавно претпријатие за управување со комунален отпад – Шилегов.

Шилегов додаде дека по завршувањето на оваа постапка ќе ги повикаат сите надлежни институции, заинтересирани граѓански здруженија и асоцијации да помогнат заеднички да се направи анализа на досегашното работење на депонијата и заеднички да ја утврдат фактичката состојба во овој сега веќе градски капацитет.