Со тунелот под Лимак ја добиваме најголемата пешачка зона во Европа и го решаваме сообраќајот во Скопје за следните 50 години, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој денес одржа презентација на тунелот со кој се спојува булеварот Македонија (Јужен булевар) со бул. Кочо Рацин и поминува под објектот на Лимак, а кој треба да биде готов до 2024 година.

– Ова сообраќајно решение е дел од планот кој го поставив пред четири години кога станав градоначалник – а тоа е Скопје да биде град без сообраќаен метеж, со најголема пешачка зона во Европа во центарот на градот. Со реализацијата на овој план скопјани добиваат брзо и непречено патување низ градот со возила, јавен превоз или други средства за транспорт – изјави Шилегов.

Во продолжение тој додаде дека целосното сообраќајно решение се состои од три големи целини.

– Првата е токму оваа која денес ја гледаме. Овој коридор кој се прави со изградбата на тунелите под Лимак, овозможува без поминување преку строгиот центар на градот, граѓаните кои патуваат од Карпош, Ѓорче Петров да стигнат до Кисела вода или Аеродром. Практично отвораме нова артерија која ќе го растовари центарот. Во рамки на целото решение за овој дел е вклучена изградба на голем кружен тек на раскрсницата кај Нова Македонија. Со ова добиваме брз и сообраќај без застој во овој дел на градот – појасни Шилегов.

Додаде дека втората целина од планот е отворање на другата артерија од другата страна на градот со изградба на мостот на булевар АСНОМ. Со ова решение, граѓаните на Аеродром и сите кои доаѓаат од таму, ќе можат директно и без поминување во строгиот центар да патуваат до Карпош.

За планот да биде целосен, рече Шилегов, има уште две големи сообраќајни решенија од кои првото е започнато а тоа е клучката кај Момин Поток и второто решение за кое веќе имаме започнато постапка, пробивање на булеварот Словенија до Волково.

Тој истакна дека сите овие проекти ќе бидат готови до 2024 година.