Енергетски ефикасни фасади во согласност со современите стандарди за рационализација и заштеда на електричната и топлинската енергија, ќе добијат 13 средни училишта во Скопје, најави денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, за време на посетата на СУГС „Јосип Броз Тито“.

Тој посочи дека во тоа училиштето се работи на довршување на надворешната столарија и фасада, реконструкција на подовите и вратите на училниците, на делови од атриумот, на адаптација на тоалети за лица со физичка попреченост, како и лимарски работи во одредени делови.

Потенцира дека завршила и тендерската постапка за реконструкција на фасадите на средниште училишта „Марија Кири Склодовска“ и „Цветан Димов“, каде деновиве ќе почнат градежните активности, со што тие ќе добијат целосно нови фасади.

– Висината на вкупните средства за оваа намена изнесува речиси 60 милиони денари за вкупно 19 училишта кои ќе добијат енергетско ефикасни фасади, санација на покриви, надворешна столарија, подови, електрика и греење. Дел од училиштата почнуваат и со адаптација на тоалети за лицата со посебни потреби. Овие средства ги обезбедивме со пренамена на средствата од криминалниот проект за рефасадирање на нашиот град „Скопје 2014“ – рече Шилегов.

Додаде дека поставувањето енергетски ефикасни фасади во сите средни училишта подразбира огромни заштеди на енергија, со тоа и значително пониски трошоци, а штедењето на енергијата директно влијае на намалувањето на загадувањето.