Проблемот со загадувањето е резултат на повеќедецениска негрижа и не може да се реши поинаку освен со систем кој ќе ги таргетира корените односно кој ќе гарантира промени на среден и на долг рок.

Ова денеска го истакна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на отворањето на семинарот насловен „Скопје наспроти предизвиците на животната средина“ организиран од Францускиот институт во Скопје.

Градот Скопје, додаде тој, изминативе 12 месеци посветено работеше на подобрување на животната средина во најголем дел на намалување на аерозагадувањето, на загадувањето на водите, почвата, но и бучавата.

-Мора да разбереме сите, особено во Скопје дека сите сме дел од проблемот и сите заедно мораме да бидеме дел од решението. 70.000 домови што се надвор од организираниот систем на затоплување се главен извор на загадувањето и придонесуваат до 53 проценти во аерозагадувањето. Од 39 мерки кои ги потпишав со граѓанските организации во текот на предизборната кампања изминатата година остварени се 17, започнати се 12, а пет не се во надлежност на градот. Јас сум спремен со секој да разговарам квалитетно, а не политикантски. Отворени сме за сите критики и сите сугестии. Лично сум посветен на заложбите за чист воздух и здрава животна средина оти нема ништо поважно од нашето здравје, здравјето на нашите деца и од здрава животна средина – рече Шилегов.

Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули истакна дека работите во животната средина не се решаваат со популизам, туку врз база на научни сознанија и факти, а планот на Владата за справување со аерозагадувањето е прв реален и кредибилен документ кој носи решенија.

-По првпат борбата со аерозагадувањето стана програма на Владата на РМ. Тоа значи нема да зависи од поединци, туку од сите сектори и нема да зависи од еден мандат на некоја влада, туку ќе остане стратешка определба на РМ како да се справи со аерозагадувањето – рече Макрадули.

Програмата, како што посочи, има неколку компоненти во делот на мониторингот, инспекцијата, јавните кампањи, неопходните законски измени и активности кои се поврзани со изворите на загадувањето. Драстично е променет принципот, додаде Макрадули, бидејќи не го мериме загадувањето, туку се справуваме со изворите на аерозагадувањето.

Пред присутните се обрати и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кој рече дека во справувањето со проблемот на загадувањето и заштитата на животната средина постои една итност, бидејќи се работи за нашата безбедност и здравјето на граѓаните.

– Граѓаните протестираат, но нештата сепак напредуваат во Скопје, а семинарите се практичен и помалку скап начин да ги спроведеме применливите решенија – рече Тимоние.

Тој потсети дека Франција го донесе својот Закон за мобилност во услови кои се доста комплексни, но и кои сведочат за одлучноста на претседателот Макрон и на француските власти да ја спроведат енергетската транзиција. Имено Законот е усвоен во 2018 година, а целта е намалување за 30 проценти на фосилните горива до 2030 година во споредба со 2012. Законот предвидува и создавање зони на слаба емисија во градовите поголеми од 100.000 жители, што е во согласност и со препораките од Парискиот климатски договор, кој ги преминува националните граници и нѐ засега сите – рече Тимоние.