Во кругот на Противпожарната станица во скопската населба Автокоманда свечено беше одбележан Денот на пожарникарите – 20 Мај.

Командантот на противпожарната бригада, Владимир Симоновски, пред построените пожарникари му поднесе рапорт на градоначалникот Петре Шилегов.

Скопскиот градоначалник соопшти дека свеченоста трае кратко поради безбедносните протоколи.
– Откако е дојдена новата администрација зголемен е бројот за нови 38 пожарникари. Веќе две години во рамките на Противпожарната бригада целосно се обновени и униформите и специјалните обувки. Кога зборуваме за униформа не мислам на оваа која можевте да ја видите на смотрата, зборуваме за униформа којашто во целост ги заштитува пожарникарите, која оди заедно со заштитна боца со кислород, односно зборуваме за над 100 таков тип униформи, зборуваме за униформи што се носат при опасности предизвикани од шумски пожари, опасности предизвикани од хемикалии и таков тип на потенцијални несреќи – посочи скопскиот градоначалник.

Тој истакна дека современата противпожарна скала би требало да пристигне во Скопје до 10 јуни.
– Тогаш ќе го демонстрираме потенцијалот на таа скала, како и на дополнителната опрема што е набавена со неа – изјави Шилегов.

Тој додаде дека пожарникарите се херои на главниот град и дека токму поради тоа се надминати нивните децениски проблеми, зголемени им се платите и редовно им се исплаќаат сите додатоци и хранарината.
– Со сите овие чекори Градот Скопје го зголемува капацитетот на бригадата, а истовремено се доближува и до исполнување на европските стандарди согласно со кои пропорцијата треба да биде еден пожарникар на 1.500 жители – кажа Шилегов.