Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска направија обиколка низ клиничкиот кампус „Мајка Тереза“ и извршија увид во градежните активности што се вршеа изминатиов период.

– Веќе се видливи измените коишто инфраструктурно се направени овде, освен посебниот влез за возилата на итна медицинска помош, се изработи нов влез кај Инфективната клиника, се шират влезовите кај Клиниката за стоматологија и веќе работиме на проширување на улица Белградска, над Клиничкиот центар. Од кај Кардиологија планираме да отвориме и четврти влез со што во целост ќе го олесниме влегувањето и излегувањето од Клиничкиот центар за да не настанува хаосот што ни се случуваше на Водњанска, меѓутоа и на самиот влез во Клиничкиот центар – кажа Шилегов.

Тој додаде дека со новите решенија повеќе нема да има случаи каде поради паркирано возило на тротоар да не може да помине болничка количка или болнички кревет.

Шилегов рече дека се реконструирани и двата постојни паркинзи кај клиниките за хирургија и за гинекологија и акушерство, односно постојните 6.000 квадратни метри се проширени на околу 20.000 квадратни метри.

Министерот за здравство, Венко Филипче, нагласи дека ова е еден значаен инфраструктурен проект што целосно ќе ја смени сликата и ќе го олесни функционирањето на Клиничкиот центар.

– После повеќе од 50 години имаме посебен влез за возилата на Итната медицинска помош до Ургентниот центар на Хирургија, нов паркинг до зградата на Клиниката за гинекологија и акушерство на местото каде што беше старата гинеколошка клиника и нови улички кои ги спојуваат веќе постојните улици, со што очекуваме да се намали метежот во клиничкиот кампус, но и на улицата стара Водњанска, што мислам дека е една значајна придобивка. Дополнително на сето ова, овозможуваме многу полесно движење на пациентите низ клиничкиот кампус, полесно движење на интерклиничкото возило и посебни патеки за движење на пациентите со колички, било да се тоа седечки или лежечки пациенти – истакна министерот.

Филипче информираше дека во следната фаза ќе се работи на уште неколку влезови и излези, како и уште еден паркинг кај Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби околу мобилната болница, со што целосно ќе се смени сликата и ќе се олесни функционирањето на клиничкиот центар.